Skip to main content

Воска спорт стана прволигаш

Воска го прослави влезот во Прва лига 

Воска Спорт, која на две кола до крајот и официјално стана прволигаш, па откако заврши натпреварот, следуваше прослава помеѓу навивачите и фудбалерите на Воска Спорт за историскиот влез во Прва лига.
 |  инфодеск  | 
Воска слави

Градското дерби помеѓу Охрид Лихнидос и Воска Спорт заврши без победник со четири погодоци (2:2), од кои два беа постигнати од пенал, одличен натпревар со многу публика и прослава за историскиот влез на Воска Спорт во Првата македонска фудбалска лига.

Натпреварот на „Билјанини Извори” тргна со брз и неочекуван гол за Охрид, откако голманот на Воска Спорт, Хадис Велии направи една грешка при додавањето, а тоа најдобро го искористи и казни Аљтин Лога за водство од 1:0 за Охрид.

Во 12. минута од натпреварот судијата Јован Качевски покажа на белата точка за Охрид, а сигурен реализатор од белата точка беше Александар Ѓорѓиески, кој обезбеди двојна предност за Охрид.

Воска започна со притисок за брз гол, се редеа шанси, но реализација немаше, а на спротивната страна Охрид креираше шанси за трет гол. Качевски покажа на белата точка, но сега за Воска, но капитенот Изаир Емини не успеа да реализира, откако Дамјан Серафимов го прочита неговиот удар. Сепак, за брзo Воска доби нов пенал, но сега Бехар Фета беше сигурен реализатор за 2:1 на полувреме.

Во вториот дел Изаир Емини погоди за 2:2 со што до крајот и двете екипи влегоа во егал борба за целиот „плен”, но конечниот исход беше реми (2:2) и поделба на бодовите.

Вардар загуби од Тетекс (1:2) во Маџари на „Борис Трајковски”, а овој резултат оди во прилог за Воска Спорт, која на две кола до крајот и официјално стана прволигаш, па откако заврши натпреварот, следуваше прослава помеѓу навивачите и фудбалерите на Воска Спорт за историскиот влез во Прва лига.

Тренерот на Воска Спорт, Берат Имери е задоволен од играта на Воска Спорт, од залагањето на неговите фудбалери, како и од тоа како одиграла Воска во тековната сезона, додавајќи дека Воска заслужено е во Прва лига.

„Интересен натпревар, секогаш Градските дерби натпревари се интереси за играње и за гледање. Мислам дека имавме многу лошо прво полувреме, каде не бевме на потребно ниво, но сепак играчите го дадоа целиот максимум како и во целата сезона. Во второто полувреме бевме многу подобри, каде противникот не не загрозни во ниту една ситуација, многу сум задоволен од залагањето на фудбалерите, многу сум задоволен од карактерот на моите играчи. Сега сме и официјално во Прва лига. За нас ова е голем успех за клуб како Воска Спорт, најзаслужни секако за овој голем успех на Воска се играчите, секако и сопственикот на клубот”, рече Берат Имери за ТВМ.

Тренерот на Охрид Лихнидос, Пепи Џигероски релативно е задоволен од прикажаното на неговата екипа, додава дека разликата во ростерот на играчи е клучен сегмент, а за последните два натпревари најави дека шанса ќе добијат и помладите фудбалери, притоа упати голема благодарност до навивачката група „Рибари”.

„Тежок првенствен натпревар, градско дерби со големо ривалство помеѓу Охрид Лихнидос и Воска Спорт. Натпревар во кој што сакам да ја пофалам мојата екипа, даде борба, даде дисциплина, даде трчање со цел да се спротивставиме на една силна екипа како што е Воска Спорт. Голема благодарност до нашите играчи, голема благодарност до нашите „Рибари”, кои што се голем мотивирачки дел на нас. Разликата во ростерот на играчи си го направи своето. Имаме помал ростер од Воска, неколку играчи веќе на овој натпревар ни се враќаат после повреди, така што релативно сум задоволен од прикажаното од мојата екипа. Ни следуваат два натпревари со Слога Виница во гости и со Беласица во Охрид. Натпревари во кои што сакаме да дадеме шанса и на помладите играчи, да добија шанса, да го осетат играњето со постарите играчи, да осетат како е да се игра во Втора лига, сакам да најавам дека ќе дадеме се од себе и на следните два натпревари. Без разлика кои ќе настапи за Охрид, ќе даде се од себе, со цел да го оправда дресот, грбот, да го оправда навивањето на охридската публика и „Рибари” и да го завршиме првенството на еден мирен и добар начин”, рече Пепи Џигероски за ТВМ.

Во следното 29. вонредно коло кое се игра веќе во вторник на „Билјанини Извори” Воска Спорт ќе ја пречека екипата на Детонит Плачковица од Радовиш, додека пак Охрид ќе гостува во Виница кај екипата на Слога.