Skip to main content

Втора македонска фудбалска лига

Воска Спорт со триумф над Детонит, Охрид загуби од Слога

Воска на „Билјанини Извори” го доби Детонит Плачковица во меч со осум погодоци (5:3), со што во последното коло ќе гостува во Велес кај „фенерџијата” Борец.
 |  инфодеск  | 
voska sport

Екипата на Воска Спорт која покрај тоа што и офицјално обезбеди историски пласман во Првата македонска фудбалска лига, со триумфот на Детонит Плачковица во претпоследното коло од Втора лига, речиси сигурно ќе биде и шампион.

Воска на „Билјанини Извори” го доби Детонит Плачковица во меч со осум погодоци (5:3), со што во последното коло ќе гостува во Велес кај „фенерџијата” Борец, каде повеќе од сигурно е нов триумф за Воска, која покрај обезбедениот влез во елитата на Македонија ќе биде и шампион во Втората македонска фудбалска лига.

Најдобриот стрелец во Втората лига, младиот голгетер Бехар Фета постигна хет-трик, додека пак Ален Јашароски беше двоен стрелец, за гостите од Радовиш, стрелци на трите погодоци постигнати во вториот дел беа Стефан Бабунски, Славчо Јанев и Горан Стојанов.

Тренерот на Воска Спорт, Берат Имери, за ТВМ рече дека одиграле коректен натпревар и е задоволен од одиграното, додава дека следува последниот натпревар против Борец кој за нив е важно да се добие со цел Воска да биде шампион, а потоа ќе следува одмор и подготовки за Прва лига.

„Уште еден добар натпревар на нашата екипа, добра игра особено во првото полувреме каде бевме многу ефикасни. Би го издвоил во оваа наша победа стрелецот на трите гола, Бехар Фета, кој прераснува во еден многу добар играч. Одигравме коректен натпревар, во првото полувреме бевме многу добри, многу добри прилики реализиравме пред нивниот шеснаесетник, но треба уште малку да се стрпиме имаме уште еден натпревар против Борец во Велес во последното коло. Важно ни е да завршиме како први, сега и официјално сме прволигаши, многу сме задоволни во текот на цела сезона како одработивме. Со Борец мораме да бидеме претпазливи и да земеме уште една голема победа, за на крај да бидеме како би рекол со стил прво место. Би сакал да им честитам на целиот клуб, на сопственикот, на техничкиот директор, но мислам дека најзаслужни за овој наш успех се играчите. Големи честитки за нив. Ќе следува голем одмор, а потоа пополека да се подготвуваме за Прва лига”, рече Берат Имери за ТВМ.

Охрид со 3:0 беше поразен на гостувањето во Виница кај Слога, во натпревар каде шанса добија и помладите фудбалери со помала минутажа.

Првиот гол во Виница беше автогол на Христијан Митревски постигнат во 16. минута, додека пак во вториот дел Давид Манџуковски и Кристијан Јордановски беа стрелци на погодоците за конечни 3:0.

Што се однесува до другите натпревари, Караорман загуби од Беса во гости со минимални 1:0, Тетекс со 4:2 го доби Кожуф, дербито за опстанок меѓу Каменица Саса и Локомотива заврши со триумф за „рударите” од 2:1, Беласица загуби од Арсими со 0:1, Гостивар го доби Борец со 4:0, а пак вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер заврши без победник (1:1).