Зоран Јовановски е првиот Македонец кој ќе се натпреварува на Зимска параолимпијада во категоријата параскијање
Скијачката федерација на Македонија објави дека Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада – Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026.
-Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја, велат од Скијачката федерација на Македонија.
Од таму упатија искрена благодарност до целиот стручен тим, тренерите Јане Стефанов и Петар Илев, Вангел Тркаљанов кој го донел параскијањето во државата и организирал над 20 ски кампови, но и до целиот организациски тим и сите кои придонесоа овој успех да стане реалност.
-Како федерација остануваме цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени, додаваат во нивното соопштение.
Инаку, Зимската параолимпијада во Милано и Кортина ќе се одржи од 6 до 15 март.
