Skip to main content

Ти Си Твојот Град

Белата куќа на ул. Димитар Влахов не ја преживеа „реконструкцијата“

На прашањето „Што се презема за да се заштити градбата, односно инвеститорот при реконструкцијата да ги почитува проектот и дадените конзерватоски мислења и дозволи од НУ Завод и Музеј за зачувување на автентичниот изглед“, по еден месец настојување, редакцијата на ТВМ доби краток одговор: „Поднесени се соодветни пријави до надлежните органи“.
Куќа Димитар Влахов

Стравувањата на охриѓани дека уште една препознатлива градба во Охрид ќе биде збришана, за жал, се обвистинија. Скоро и да не остана ништо од стариот изглед на градбата на ул. „Димитар Влахов“.

ТВМ во врска со реакциите на граѓани преку рубриката „ТиСиТвојотГрад“ во повеќе наврати од август месец до денес бараше одговори од надлежните што се презема за да се заштити градбата, односно инвеститорот при реконструкцијата да ги почитува проектот и дадените конзерватоски мислења и дозволи од НУ Завод и Музеј за зачувување на автентичниот изглед.

Иако на крајот на август, по вонреден надзор, општински градежен инспектор утврди отстапување од проектот за реконструкција, го затвори градилиштето и донесе решение за отстранување на нелегалните доградби на објектот, на терен работите продолжија, но не се отстрануваа спорните доградби туку се „отстрануваше“ оригиналната градба. Граѓани продолжија да испраќаат фотографии и видеа во рубриката ТиСиТвојотГрад.

Од општината молк од 5-ти септември кога за ТВМ од општинскиот градежен инспекторат најавија дека ќе преземат соодветни мерки. По еден месец настојувања на редакцијата на ТВМ да добие попрецизен одговор дали и какви мерки се преземаат, најпосле во телефонски разговор, од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид одговорија кратко : „Поднесени се соодветни пријави до надлежните органи“.

Случајот со куќата на ул. „Димитар Влахов“ ја револтира охридската јавност. Објектот по својот исглед, а најверојатно и по периодот од кој датира, не се разликуваше од некои други куќи на истата улица кои се под заштита како поединиечни недвижни добра. Оваа куќа, за жал, не беше поединечно заштитено добро. Но и покрај тоа, требаше да биде заштитена бидејќи е во зона  на Заштитена споменична целина прогласена за културно наследство. Требаше да биде препокриена со црвена ќерамида на постојната конструкција, да добие внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната и освежена фасада со зачувување на истиот изглед и бела боја. Требаше…

Охриѓани на објавите од рубриката ТиСиТвојотГрад во врска со белата куќа на ул.Димитар Влахов коментираа:

„За жал бев во право кога реков дека никој ништо нема да преземе“

„Не гледате дека внатре се гради објект, а надвор е маска. За срамота.“

„Таа зграда не смееше ниту да се продаде туку да се заштити и преуреди како дел од музејот каде ќе имаше поставка. Можеше тука да биде етнолошката поставка. “

„За жал,многу вакви “специфични” по градба објекти се “збришани”или “пренаменати” и стилски и употребно. Охрид,за жал,е зафатен од урбано, безпланско дивеење.“

„Задоцнето прашање, веќе си го сториле своето. Само надлежните, ако имаат акал треба да знаат дека во цел свет автентичните градби не ги пипаат. Тие се симбол и сведоштво на градовите.“

„Објектот има дозвола за реконструкција издадена од општина Охрид, а фактичка состојба е сосема нова градба. Надлежните од Општина треба да дадат одговор.“

Се е корумпирано од градежната мафија. Еден ден и Македонија ке ја снема како што е тргнато.“

„Сѐ уништете и секаде изградете облакодери.“

„Да е трагедијата поголема, објектот се наоѓа на нецели 100 метри од општина Охрид! “

„Кучињата си лаат, Карванот си ВРВИТ“

И од граѓанската платформа за заштита на природното и културното наследство на охридскиот регион – Охрид СОС со резигнирана констатација дека реакциите се задоцнети.

„Реакциите повторно доаѓаат од жителите на Охрид, од јавноста, додека институциите воопшто не го контролираат процесот нити гледаат што се гради и колку се почитуваат издадените мислења и дозволи. Откако штетите се направени, се врши инспекциски надзор, а дури откако медиумите ќе побараат одговор, се огласуваат од Заводот за заштита на спомениците и музеј. Некој свесно ги прекршил дадените мислења и дозволи и решил да уништи уникатен објект. Не е реткост последниве години, и пополека се губи дел од охридската историја, од архитектонското наследство. Често и самите институции даваат дозволи за „реконструкција“ или изградба на нов објект на некоја локација со поголем обем од оригиналниот. Тоа е можеби најпоразителниот момент.“ – велат од Охрид СОС во објава на Фејсбук.

Белата куќа на ул „Димитар Влахов“ не ја преживеа „реконструкцијата“. Охрид добива нова зграда која нема ништо од изгледот на оригиналниот уникатен објект.