(ФОТО) Светиклиментовото училиште
Виолета Карадимче Јанева во склоп на рубриката „Ти си твојот град“ ни испрати слики, но и убав текст со кој ќе не врати назад низ годините. Станува збор за Светиклиментовото училиште.
По повод празникот Св. Климент Охридски, Виолета Карадимче Јанева за „Ти си твојот град“ испрати слики и текст со кој ќе не врати назад низ годините и ќе не потсети на едно убаво време.
„Учителу наш, допушти твоите ученици да бидат подобри од тебе, но направи им го тој пат што потежок со Твојата огромна мудрост.“ – Венко Андоновски
Во време кога светската пандемија длабоко го промени целокупниот живот, бараме разни начини за релаксација. Прошетките, посебно крај брегот на “Белото езеро”, се лек за сечија душа. А погледот кон Калето секогаш запира на една посебна градба која доминира над старото градско јадро: долги децении Основно училиште” Свети Климент Охридски”, а сега Музеј ”Словенска писменост”.
Црковниот комплекс на црквата “Света Богородица –Перивлепта” низ вековите имал и духовен и просветителски карактер. Постојат податоци дека долг период тука постоела “велелепна” Архиепископска зграда (1730 – 1862), a во комплексот се граделе и делувале и неколку училишта. Објектот на Светиклиментовото училиште е изграден во 1897 година, по иницијатива и инструкции на митрополитот Григорие. Развојот на градот и околијата, посебно ќурчискиот занает, како и интензивирањето на контактите со европските трговски центри, ги поттикнало граѓаните на Охрид да ја помогнат изградбата на училиштето, имотните со парични донации, а другите со наемен труд.
Генерации ученици во ова училиште добивале знаења, вештини, воспитување. Тука се подготвувале за повисоко образование, за пат во животот. Училиштето, покрај многубројните цркви во непосредната околина, станало култно место кон кое сите гледале со почит. Се менувала власта, се менувале учителите и наставниците, учениците заминувале по својата животна патека, но делувањето на Училиштето останувало. Во дворот на Светиклиментовото училиште со децении се слуша жагорот на “наши” деца дојдени тука за да се искачат до височините на писменоста и просветата што ја граделе сесловенските просветитети Кирил и Методиј, пресветите Климент и Наум, ловороносецот Прличев, преродбениците Димитрија Миладинов, Шапкарев…
Децении на макотрпен, трнлив континуитет :“син оди по татка, по деда си – внук“.
Во ноември 1944 година и „највисокото“ училиште во градот, на општо задоволство од сите граѓани, широко ги отвори вратите за настава на мајчин, македонски јазик. Од 1956 година Училиштето прераснува во осмолетка. Во периодот од 1960 до 1980 година бројот на ученици континуирано се зголемуваше. Заради недостаток на простор наставата се реализираше и во училишната зграда “Свети Сава”, вообичаено за учениците од прво до трето одделение. Во учебната 1957/58 година за забавишните групи се користеше објектот “Раднишка”, денешен “Завод и музеј Охрид”.
Во учебната 1960/61 год. ме запишаа во прво одделение. И денес, по шест децении, живо се сеќавам на моето Училиште и на безброј настани поврзани со него: училниците со дрвен под премачкан со црна боја; гломазни, стари, дрвени клупи; полските санитарни јазли кај кочеџикот; чешмата кај Перивлепта; фискултурната сала во некогашната “Забавачница”; “сафчињата” што си ги носевме од дома за млекото, донација од UNRRA; најпрво задолжителна црна, а потоа сина работна облека; училишната библиотека во приземјето; спортското игралиште; бројните приредби, литературни читања, екскурзии, спортски натпревари, учество во натпревари на знаење…Со почит се сеќавам на мојата учителка Милка Маленкова, на моите другари од Б”, но и на другите ученици од генерацијата. Во одделението ”А” што го водеше учителката Миличка Филипчева имаше повеќе деца од ”варошкиот”, а кај нејзината колешка Евдокија Петреска од ”месокастранскиот” дел. Нашето одделение беше со мешан социјален и етнички состав. Сите се почитувавме, се дружевме, несебично си помагавме!
Растевме ние, растеше и нашето училиште! Секое одделение имаше по три паралелки со по над 30 ученици. Од 1960/61 година, а на барање на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, позната како Костозглобна болница, училиштето организира настава во болнички услови за деца кои подолго се лекуваа во таа здравствена установа. Во 1968 година Училиштето, единствено во регионот, доби верификација за отворање на специјални паралелки за деца со посебни образовни потреби. Наставата во посебните паралелки ја реализираат стручни лица-дефектолози.
И во погорните одделенија нѐ образуваа навистина посветени наставници и професори: Зорка Грозданоска и Нада Патчева Анѓелоска нѐ научија да го негуваме македонскиот литературен јазик и да ги сакаме книгите. Со Лилјана Димзова Татомир и Алеко Павлоски ја совладувавме математиката, тајните на физиката ги откривавме со Милка Бачева, на хемијата со Крсте Костоски, на биологијата со Љубинка Попоска. Српско-хрватски јазик предаваше Павлина Жилева Анѓелковиќ, француски Мирослава Кепеска, географија Маргарита Паламаревиќ, историја Вида Малезанова. Познатиот ликовен уметник Јоне Симонче на часовите по ликовно воспитување нѐ запознаваше и со културно-историските споменици во Охрид. Физичко воспитување реализиравме со Киро Марин, музичко со Вељан Танески, домаќиство со Љубинка Попоска, а општотехничко образование со нашиот класен раководител Теофил Дамјаноски. Во “моето” време директорската палка ја држеа Стамен Шокароски, Нада Ставриќ и Ѓоко Арнаудов.
Историјата се повторува: Во 1978 година Варошани дадоа иницијатива за изградба на нова училишна зграда. Идејното решение на архитектот Павел Балабан, кое веднаш беше високо оценето од стручната јавност на тогашна Југославија, брзо се реализира и во 1980 година наставата почна да се изведува во новата, современа зграда.
По сеќавањата на постари жители, забележано е дека за прв учител во Училиштето бил назначен Лев Огненов (1863-1953). Децении неуморна работа на плејада учители, наставници, професори. И кога собирав податоци да набројам што поголем број на просветни работници кои тука делувале, пред мене се појави “скапоцен бисер” со грижливо собрани и стручно презентирани податоци за Училиштето. Мојата блиска роднина, Царева (Алческа) Рувинова, ми позајми примерок од Монографијата издадена во декември 2008 година, а по повод 110 години од постоењето на Училиштето. Оваа Монографија е драгоцен извор на информации за континуитетот, квалитетот и успесите што со децении ги нижи оваа просветна установа.
Голема почит и благодарност кон издавачот, тогашната директорка Славица Илиќ , како и до сите други кои несебично и професионално допринесле оваа Монографија да биде реализирана. За пофалба е и локалната самоуправа на Општина Охрид, која со финансиска помош овозможила да се испечатат скромни 300 примероци. Но, сметам дека ова вредно дело треба да стане достапно за пошироката јавност во Македонија и многу пошироко. Дигитализација на Монографијата ќе овозможи нејзината содржина и документираните податоци да станат достапни за широк аудиториум. Во услови кога други неправедно судат за нашето минато и идентитет, со реални аргументи и активности, достојно да ги заштитиме идеалите на нашите претци и да дадеме скромен допринос кон вековниот македонскинепокор. Во контекс на ова, си дозволувам да предложам до соодветните институции формирање на богата збирка од групни фотографии на учениците и наставниците кои продефилирале низ Училиштето. Во современи услови на комуникација оваа идеја едноставно би била реализирана. Сите да ги отвориме домашните албуми и сложно да му подариме на Светиклиментовото училиште вреден дар.
Нашиот генијалец, лингвистот Блаже Конески, на чествувањата по повод 1100 годишнината од дејноста на Климент и Наум, меѓу другото истакнал: “ … кандилцата во охридските куќи кои гореле со елбасанско газје под иконите на Климент и Наум пред кои се крстеле предците, ги одржале јазикот и верата на Македонците. Тоа е идентитетот кој ниту се зема ниту се дава!”
Виолета Карадимче Јанева