Skip to main content

Ти Си Твојот Град

 Ќе го отстрани ли Општина Охрид „парапетчето“ на плажата Канео

Во близина на најфотографираната црква во целиот свет минатата година “никна парапетче”.
 |  инфодеск  | 

Во рубриката „ТиСиТвојотГрад“ граѓани реагираат за бетонскиот ѕид на брегот на Охридското Езеро на плажата Канео. Реакции за узурпацијата на брегот на таа локација има и на социјалната мрежа Фејзбук.

„Во близина на најфотографираната црква во целиот свет минатата година “никна парапетче”.Парапетчето” неколку пати е пријавување до надлежните институции кои излегоа на терен и споделија известување дека непознат сторител го изградил “парапетчето” и дека неговиот идентитет не може да се утврди.  Немаме информации дека се превземени други законски обврски. „ – стои во објавата од Глас за спас на Охрид.

Во објавата споделена е и фотографија од локацијата направена од нуркачот и еколошки активист Никола Паскали.

Од Глас за спас на Охрид бараат надлежните  да извршат објективен инспекциски надзор и , како што велат, да превземат вистински решенија кои се состојат од храбри чекори за сосекување на криминалот и корупцијата при узурпирање и уништување на брегот на најстарото езеро во Европа.

На објавата на која се тагирани надлежни институции и медиуми се огласи Државниот инспекторат за животна средина.

Надлежноста е на Општина Охрид бидејќи се работи за градби, за кои е надлежен општински градежен инспектор. Од страна на ДИЖС направен е инспекциски увид. – напишаа од ДИЖС  во коментар на објавата.

За „парапетчето“  реагираа и од граѓанската платформа за заштита на Охридскиот регион Охрид СОС.

Во јануари од Охрид СОС објавија дека ѕидот почнал да се гради уште пред почетокот на летната сезона 2023 год и се продолжило со депонирањето камен, песок и чакал во езерото, за што тие пријавувале до општинскиот инспекторат.

На средината на месец септември добивме одговор од инспекторатот дека „новонастанатата состојба во летниот период е евидентирана, кога ќе има создадено услови ќе се продолжи со отстранување на урбаната опрема“. Наместо отстранување, деновиве гледаме дека продолжува узурпирањето на брегот. Повторно ќе реагираме до надлежните институции да се запре со овие инвазивни активности. Да видиме како и дали ќе реагираат, дали ќе се стават на страна на јавниот интерес или повторно ќе одолговлекуваат и ќе овозможат некому да го узурпира јавниот простор за сопствени цели, без да сноси какви било последици или санкции. – напишаа од ОХРИД СОС во објавата во јануари.

Во јануари годинава реагираше и охридскиот огранок на партијата Левица. Оттаму во соопштение до медиумите информираа дека поднеле барање до Градежна инспекција и инспекција за животна средина од Охрид за вонреден инспекциски надзор на локацијата.

Еден месец подоцна, од Левица соопштија дека Градежната инспекција излегла на терен и извршила увид, по што инспекторот констатирал дека узурпацијата на езерскиот брег кај Канео се врши од ,,непознат” (НН)сторител.“

Ги известуваме градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и Градежната инспекција дека ,,непознатиот” (НН) сторител овие денови продолжува со градежните активности на езерскиот брег кај Канео. Дали ,,непознатиот” сторител го узурпира просторот со цел да си уреди плажа за престојната туристичка сезона, а надлежните молчат како и секогаш до сега?“ – јавно прашаа од Левица на почетокот на февруари.

ТВМ упати прашања до Општина Охрид дали ќе се преземат мерки за отстранување на бетонскиот ѕид со кој е ограден дел од езерскиот брег и враќање на плажата во првобитната состојба.

Фото: Никола Паскали/ Охрид СОС