Skip to main content

ОЈО Охрид покрена обвинение за дивоградбата на ул „Димитар Влахов„

ОЈО Охрид со обвинителниот акт опфаќа две лица кои на постоечкиот објект во јули минатата година започнале со доградби и надградби и до денес изградиле зграда за што немале одобрение од надлежен орган.
 |  инфодеск  | 
Суд

Основното јавно обвинителство Охрид, по спроведената истражна постапка, денеска поднесе Обвинителен акт против две лица за кривично дело – Бесправно градење за објектот на ул. Димитар Влахов.

Осомничените на возраст од 49 и 48 години, како соизвршители, на 27.07.2023 година започнале да градат објект на нивно земјиште, без одобрение за градба издадено од надлежен орган. На постоечкиот објект во центарот на Охрид изградиле доградби од северната страна, во сутеренот, приземјето и на катот, проширувајќи ги со армирани бетонски плочи и столбови, по што продолжиле да го надградуваат објектот со две армирано бетонски плочи со кои ја зголемиле неговата катност, се вели во соопштението од ОЈО Охрид. Против првиот обвинет во овој предмет се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на Охрид, посочија од обвинителството.

За зградата која бесправно се градеше на ул „Димитар Влахов“, на местото на стара куќа чиј автентичен изглед требаше да се зачува согласно Конзерваторско одобрение, Основното јавно обвинителство Охрид поведе истражна постапка на 27 ноември минатата година.

Инаку, случајот со старата куќа на ул Димитар Влахов ја револтира охридската јавност од самиот почеток на она што требаше да биде нејзина реконструкција. Само еден месец од отпочнување на зафатите, овластен градежен инспектор при вонреден надзор во средината на август минатата година консататира дека инвеститорите отстапиле од планот за реконструкција и конзерваторското одобрение и изградиле нелегални доградби на објектот. Градежниот инспектор тогаш донесе Решение за отстранување на доградбите и со полициска асистенција извршил затворање на градилиштето со лента. Но лентата беше отстранета и градењето на денешната нова зграда на местото на куќата чиј изглед требаше да се зачува, се одвиваше скоро непречено.

Во текот на градежните зафати на објектот беше отстранета и мермерната спомен плоча која сведочеше за историски настан од антифашистичката борба на македонскиот народ.

За плочата на денешната седница на Совет беше побаран одговор од Градоначалникот Кирил Пецаков, каде се наоѓа истата и дали ќе биде поставена некаде, бидејќи објектот пред кој стоеше веќе го нема. Градоначалникот рече дека е разбирливо тоа што спомен плочата ги сензибилизира граѓаните, но не даде конкретен одговор на прашањето.

Иако како споменик не е никаде забележан во НУ Завод и Музеј, плочата од инвеститорот беше на инспекциски надзор покажана, таа е тука. Моето мислење е дека, ние досега не сме донеле друга одлука да биде на друго место, треба да биде на истото место бидејќи тука настаните се случиле. Меѓутоа како ќе дојде при крај поставувањето ќе одговориме како Општина, затоа што не само вие како советници, туку генерално оваа тема ги сензибилизира граѓаните така што поставувањето, на истото место или на друго место, во зависнот како ќе се одлучи, местото ќе биде јавно кажано и ќе го добиете одговорот наскоро.“ – кажа Пецаков.

Инаку, на социјалната мрежа Фејсбук неодамна беше објавена фотографија на која се гледа искршената спомен плоча која според граѓани е фрлена во близина на некогашната дискотека Парк. Коментарите не охриѓани се дека сега кога веќе не постои куќата на која треба да биде вратена плочата, требало барем да биде зачувана во музеј.