Потоната едрилица во Охридското пристаниште повторно ја отвора темата за безбедноста на пловилата
Наши сограѓани ни испратија слики од охридското пристаниште, каде начекале лоша слика од потоната едрилица. Според нив, силниот ветер и високите бранови во Охридското Езеро повторно направиле штета, а ова не е прв случај пловен објект да биде оштетен или потопен во вакви услови.
-Силниот ветар и брановите во Охридското езеро се причина да потонуваат и да се уништуваат пловни објекти. Или можеби несовесно и неправилно закотвена едрилица? Или немањето на адекватна марина? Која и да е причината, глетката не е убава, велат нашите сограѓани.


За жал, проблемот дополнително ќе се продлабочи со најавените денови на обилни врнежи и нестабилно време, каде се очекуваат да наврнат дури и над 40 l/m² за 24 часа.
Веќе долго време се поставува и прашањето кога конечно Охрид ќе го добие пропишаното, современо и безбедно пристаниште – марина која ќе го штити флотниот капацитет и ќе овозможи уредно и сигурно закотвување на пловните објекти. Граѓаните нагласуваат дека ова не е само туристички или естетски проблем, туку и безбедносен, економски и еколошки.
