Skip to main content

Енис Хилми: Од болката по Тото до роман што го буди чувството за одговорност кон Охрид и природата

По успехот на првенецот „Берлин, градот што не го засакав од прва”, награден со признанието „Новите!” за најдобар необјавен прозен ракопис, Енис Хилми продолжува да гради препознатлив авторски израз, спојувајќи лична исповед со силна порака за љубовта кон природата.
 |  инфодеск  | 

Некои приказни се раѓаат од фантазијата. Други – од самиот живот, особено од љубовта, од тишината по едно збогување и од празнината што останува кога ќе изгубиме некого што безусловно сме го сакале.

Токму така настанува романот „Само уште еден скок” на писателката Енис Хилми – дело во кое главниот лик е нејзиниот златен ретривер Тото. По четиринаесет години заеднички живот, неговото заминување оставило празнина што авторката ја преточи на хартија.  Книгата не е  приказна за загубата, туку за  животот, за љубовта кон природата и за одговорноста што сите ја имаме кон светот околу нас.

„На почетокот ова беше моја лична терапија. Но, додека пишував сфатив дека приказната бара многу повеќе. Постепено романот прерасна во едно ангажирано дело што зборува за заштитата на природата, за Охридското Езеро, за сè она што полека го губиме и за сè што сè уште можеме да зачуваме ако сме доволно одговорни. Верувам дека книгата ќе допре и до возрасните и до младите. Особено би сакала да ја прочитаат тинејџерите, затоа што тие се генерацијата што ќе одлучува како ќе изгледа светот утре. Ако барем еден читател, откако ќе ја затвори книгата, погледне поинаку кон природата, кон животните или кон Охрид, тогаш ќе знам дека Тото ја исполнил својата мисија.”, вели Енис Хилми – писателка.

Тото во романот низ своите очи ги открива убавините, но и раните на Охрид. Неговата прошетка покрај езерото ги отвора прашањата за односот кон природата, животните, загадувањето и губењето на автентичниот лик на градот. Тој  има голема мисија, а неговата приказна е полна со емоции и лесно допира до читателот.

Токму таа повеќеслојност, според промоторката Весна Чепишева-Мојсовска, му дава особена вредност на романот.

„Тој зборува за многу теми кои денес се исклучително актуелни. Станува збор за кучињата скитници, за отпадот што се фрла, за загадувањето на Охридското Езеро, за проблемите околу крајбрежјето и за тоа како треба да го чуваме Охрид, за да не го изгубиме оној автентичен Охрид, што и денес е многу актуелна тема.Тото има навистина голема мисија. Тој е лик полн со емоции, а приказната многу лесно се чита.” – Весна Чепишевска Мојсовска, промотор.

За младите читатели Тото е  вистински пријател. Со неговата приказна растат и пораките за љубовта кон животните, природата и градот во кој живеат.

-„Животните и природата беа тука многу пред нас и ќе бидат многу долго после нас и треба да се грижиме за нив бидејки тие го прават подобар светот без нив како ќе сме живи”, вели  Еге Су читател.

„Јас многу го сакав Тото како  куче и како пријател ми беше многу  мил. Книгата ги раскажува авантурите што ги доживеал тој  и мислам дека вистина е таквата перспектива на Тото”, вели Алев Су читателка.

„Само уште еден скок” веќе го привлече вниманието на книжевната јавност, влегувајќи во најтесниот избор за наградата „Роман на годината” за 2025 година. По успехот на првенецот „Берлин, градот што не го засакав од прва”, награден со признанието „Новите!” за најдобар необјавен прозен ракопис, Енис Хилми продолжува да гради препознатлив авторски израз, спојувајќи лична исповед со силна порака за љубовта кон природата.