©2008 - Сите права се задржани. Powered by TVM.

кодекс

Етички кодекс на ТВМ

Член 1

ТРД „ТВМ“ Арнаудов Михајло Охрид ДООЕЛ го донесува овој Етички кодекс кој ги уредува етичките правила на однесување внатре во колективот и кон заедницата, а се однесува на сите личности вработени во  претпријатието по било кој правен основ.

Член 2

Тргнувајќи од својата улога во градењето на демократијата и штитењето на јавниот интерес, со извршување на својата основна задача, правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на РСМ, ТВМ настојува да продуцира покриеност на темите во заедницата што е целосна и разновидна, со цел да помогне во изградбата на праведно и еднакво општество.

Член 3

Еднаквост на сите личности, без оглед на пол, возраст, етничка припадност, националност, религија, родов идентитет, сексуална ориентација, морални или политички ставови, социоекономска класа, инклузија на ранливите категории граѓан(к)и во општеството, како темелни начела на основните човекови права, се основните принципи и вредности врз кои се темели работењето на ТРД „ТВМ“ ДООЕЛ.

Член 4

Се забранува било какво дискриминаторско, стереотипно или навредливо претставување на личноста во медиумските производи на ТВМ, на профилите на ТВМ на социјалните мрежи, или на било кој друг начин професионално настапување во јавност, а во име на ТВМ.

 Член 5

ТРД „ТВМ“ ДООЕЛ на сите вработени им гарантира рамноправност, без оглед на нивната возраст, пол, родов идентитет, јазик, национална, етничка и религиска припадност, семеен статус, социјална и економска состојба.

  Член 6

Сите вработени се должни да ја почитуваат хиерархијата во организационата структура на претпријатието, како и границите на своите овластувања и одговорности. Од вработените се очекува професионална комуникација, со меѓусебно почитување, без користење говор на омраза и непристојно однесување. Приоритет се добрите односи со колегите и колешките, соработниците и соработничките и клиентите и клиентките.

   Член 7

Вработените треба да се залагаат за создавање на здрава околина и работна атмосфера.

Помеѓу себе треба да се однесуваат со дигнитет и достоинство, со почитување на другата личост. Не е прифатливо било какво однесување или делување кое дури и индиректно ги нарушува тие права, а тоа посебно се однесува на сите облици на физичко, сексуално и психичко злоставување и вознемирување, вклучително родово базирано вознемирување и насилство.

     Член 8

Основата на овој Етички кодекс на ТВМ се:

  • Договорот за вработување;
  • Правилникот за ред и дисциплина;
  • Кодексот за заштита од вознемирување на работното место и правата, обврските и одговорностите на работодавачот и вработените при самото вработување и во текот на работењето и
  • Етичкиот кодекс на новинарите во Македонија.

     Член 9

Вработените се должни да се придржуваат на одредбите од овој Кодекс. Прекршувањето на некоја одредба треба да се пријави кај надлежниот уредник/уредничка или кај управителот/управителката, согласно процедурите дефинирани во Кодексот за заштита од вознемирување на работното место и правата, обврските и одговорностите на работодавачот и вработените при самото вработување и во текот на работењето. Секое прекршување претставува повреда на работните обврски и должности на личноста и истото ќе биде санкционирано согласно критериумите во гореспоменатите интерни документи наведени во член 8.

        Член 10

Сите вработени ќе бидат запознаени со Етичкиот кодекс на ТВМ така што истиот ќе им биде доставен во електронска форма на нивната е-маил адреса, а ќе биде објавен и на огласната табла во просториите на  „ТВМ“. Етичкиот кодекс на ТВМ ќе биде приложен кон договорот за вработување на сите нововработени лица во иднина.

          Член 11

Овој Кодекс ќе се евалуира на секои 5 години или порано во зависност доколку има потреба од тоа.

Поимник:

Дискриминација: секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредена личност или група, на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Стереотипно претставување: однапред усвоени верувања или мислења коишто се однесуваат на индиви-дуалци, групи или објекти. Стереотипизирањето на мажите и жените во најголема мера се поставува во традиционалните родови улоги, кое резултира со недостаток на поддршка за оние кои не го отелотворуваат во целост односниот стереотип, односно традиционалните родови улоги.

Говор на омраза: изразување идеи, информации и мислења чија намера е да деградира, вознемири, или предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивната раса, пол, родов идентитет, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социоекономска класа, занимање или изглед, ментален капацитет и било која друга особина.

Психичко вознемирување: секое негативно однесување од поединец/ка или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на личноста и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на личноста, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Сексуално вознемирување и насилство: било каков облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, чија цел или последица е повреда на достоинството на личноста или создавање на застрашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или  навредлива атмосфера.

Родово вознемирување и насилство: секој акт на родово базирано насилство кој резултира или е веројатно да резултира со физичка, сексуална или психолошка повреда или страдање на личноста, вклучувајќи ги и заканите за такви акти, принуда или своеволно лишување од слобода во јавниот или приватниот живот на личноста, кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.

ТРД „ТВМ“ ДООЕЛ Охрид

Управител

Ирена Арнаудова

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© 2008 - Сите права задржани. Поддржано од ТВМ ТелевизијА.
Back to Top