Skip to main content
етички

Насоки за етичко известување кои вклучуваат и родово сензитивни медиумски содржини

Овие Насоки претставуваат професионални упатства наменети за уредниците/чките, новинар(к)ите и сите други креатор(к)и на содржини кои работат во ТВМ, а со цел да помогнат во развивање силен и кредибилен систем на саморегулација и да го зајакнат независното, професионално и одговорното новинарско известување. Насоките се однесуваат и на сите информации и содржини што ТВМ како медиум ги пласира и на своите профили на социјалните мрежи или на другите интернет платформи.

Сите вработени ќе бидат запознаени со содржината на овие Насоки и треба да ги почитуваат во текот на работењето.

  • Новинар(к)ите ќе го почитуваат правото на граѓан(к)ите да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците.
  • Новинар(к)ите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло им е познато, повикувајќи се на различни извори на информации и потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори. Нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на гледач(к)ите/читател(к)ите. Премолчувањето на фактите кои можат важно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации.
  • Нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои гледач(к)ите/читател(к)ите намерно се доведувaат во заблуда.
  • Секогаш да се настојува да се наведе изворот на информацијата со конкретно и прецизно упатување на тој извор. При користење информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, внимателно да се провери нивната веродостојност и кредибилност.
  • При известувањето секогаш да се настојува да се сослушаат и претстават сите спротивставени страни. Кога некоја страна одбива да даде изјава, тоа мора да се наведе во прилогот, со што јавноста ќе се информира дека некои институции, носител(к)и на јавни функции или политичар(к)и не се транспарентни, односно се дознава причината поради која во известувањето недостига одредено гледиште.
  • Новинар(к)ите да настојуваат да ја развиваат свеста за рамноправност на сите поединци/ки или групи во општеството и да ја нагласуваат потребата од почитување на различностите како интегрален дел од човековите права. Во своето известување да се стремат кон постигнување рамнотежа во третманот и претставувањето на искуствата, ставовите и потребите на различните поединци/ки и заедници.
  • Нема никогаш да поттикнуваат омраза или нетрпеливост врз основа на пол, потекло, национална или етничка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
  • При известување за проблемите на различните групи и заедници во општеството, новинар(к)ите да пристапуваат крајно внимателно, со употреба на коректна и стандардизирана терминологија и нема да употребуваат навредливи коментари или изрази со кои ќе ги создаваат или ќе ги засилуваат стереотипиите за нив.
  • Обработување теми кои директно ги засегаат прашањата на еднаква родова застапеност во структурите на одлучување и надминување на родовата стереотипизација во културата и јавниот говор, како и воведување на теми кои се од суштествен интерес за еднаквоста меѓу родовите во Македонија: економската (не)еднаквост (разликите во примањата помеѓу мажите и жените), семејното насилство врз жените и трговијата со малолетни девојки (вклучително кај помалите етнички заедници), жените во политиката и сл.
  • Промовирање на балансирано и нестереотипизирано портретирање на жените и мажите во медиумите и новите технологии на комуникација. Со ова се промовираат еднакви можности и работни услови за сите личности во сите области и се поттикнува учество без оглед на полот.
  • Сликата за родовите односи (преку наративното и визуелното претставување на родовите и таргетирањето на родово сензитивни теми) која медиумот ја презентира преку својата продукција има за цел подигнување на свеста за бенефитите на целото општество од родовата рамноправност.
  • Политиките на информирање, програмската уредувачка политика и медиумските содржини да бидат спроведени на родово балансиран начин, со практицирање родова сензитивност при известување и елиминирање на стереотипизација и дискриминација во однос на улогата во општеството.
  • Да се практицира избегнување на користење машки граматички род како универзален во  претставувањето на професиите и функциите.
  • Уредничките и уредниците да усвојат позитивна практика темите и областите на новинарското известување да не бидат стеретипно поделени помеѓу новинарите и новинарките.
  • Родово сензибилизирање на новинарите и новинарките, особено во делот на наративното презентирање како и во делот на застапување на теми директно поврзани со родовите прашања.
  • Уредничките и уредниците да усвојат позитивна практика на родов баланс во поглед на структурата на водители и водителки, презентери и презентерки, соговорници и соговорнички во дневно информативните изданија и другите емисии од сопствена продукција (секогаш кога тоа е апликативно).
  • Да нема значителен јаз помеѓу бројот на уредници и уреднички на информативните програми и на вестите, бројот на новинарки и новинари како и во бројот на презентери, презентерки и други вработени (секаде и секогаш кога тоа е апликативно). 
  • Новинар(к)ите особено да бидат внимателни при објавување снимки од насилство, бруталност или страдања, при што приоритет да им биде заштита на идентитетот и достоинството на жртвите и лицата кои се на било кој начин погодени од настаните.
  • Доколку на новинарот/ката му/и се наложи да изврши задача или да напише текст што е спротивен на одредбите на Кодексот на новинарите и на Етичкиот кодекс на ТВМ, тој/таа има право да ја одбие задачата, повикувајќи се на Кодексите и на овие Насоки. 
  • Уредникот/чката има право да интервенира во прилог на новинар/ка само ако смета дека се прекршуваат Кодексите или законите, по што го/ја известува новинарот/ката за извршената корекција.

ТРД „ТВМ“ ДООЕЛ Охрид

Управител

Ирена Арнаудова