Српската заедница во Охрид со свечен собир, молитва и сечење на славскиот колач го одбележаа празникот Св. Сава
Членовите на српското здружение „Коштана“ во Охрид денес во пригодна атмосфера на свечен собир, со молитва и сечење на славскиот колач го одбележаа христијанскиот празник Св Сава. Свеченоста започна со химната „Да воскликнеме со љубов на просветителот Свети Сава“.

Како прв српски архиепископ, времелувач на Српската православна црква, законодавец и просветител, Св Сава е една од најзначајните личности на српската историја и духовност, истакна претседателот на здружениоето Коштана, Зоран Цветковиќ.

–Бидејќи денес е Ден на Србите, сакам да ја искористам можноста да им го честитам овој наш национален празник, Свети Сава, на сите Срби овде на територијата на градот Охрид и на сите Срби во Република Македонија. Свети Сава има огромно значење за нас Србите, како во однос на писменоста, така и во однос на верата, однесувањето, така и во однос на негувањето на хармонијата и единството меѓу луѓето. Затоа овој ден е особено важен за нас и се надевам дека ќе го славиме уште многу години. Заедно секако со пријателскиот македонски народ, изјави Цветковиќ.
На свеченоста по повод овај значаен празник за српската заедница во Охрид присуствуваше и градоначалникот Кирил Пецаков. Српската заедница во Охрид и во Македонија претставува значаен дел од нашето општество и дава голем придонес во напредокот и развојот во сите сфери од живеењето, истакна Пецаков.

–Наjпрвин го честитам големиот празник на српската националност во Македонија, а и на Србите, Свети Сава. Општина Охрид и јас како градоначалник секоја година традиционално присуствувам на нивните собири. Со гордост и со радост го правам тоа и ќе продолжам во наредните години заеднички да ги прославуваме оние значајни датуми коишто ги одбележуваат деновите на националностите, конкретно во Македонија, меѓутоа и на нивните држави, секако, изјави Пецаков.
Петта година по ред, откако беше отворен почесен конзулат на Република Србија во Охрид, конзулот Михајло Филев е дел од чествувањето на Св. Сава. Тој истакна дека Свети Сава е идентитетски и верски столб на српскиот народ, кој е поврзан со македонскиот и сите словенски народи преку неговата просветителска дејност. Филев ја потенцираа важноста од чувањето на традицијата, како и меѓусебната почит и поддршката како дел од мултикултурниот и мултиетничкиот мозаик што заеднички го градиме.

–Традицијата продолжува за српската заедница во Охрид и во Македонија да се чествува светителот Сава како еден културен идентитет, верски идентитет, кој, секако е многу битен во шареноликоста на македонската култура, која едноставно значи многу во односите со Република Србија, секако, како и нашите празници кои се слават и исто во Република Србија. Здружението Српско-македонско „Коштана“ тоа го прави уште од пред триесет години со нивното формирање, откога се растури Југославија, така да се надевам дека секогаш ќе се празнува и мене како почесен конзул на Република Србија во Македонија со седиште во Охрид, ми е огромна чест и задоволство што присуствувам на еден ваков голем верски настан, кој од големо верско значење за целото православие. И им го честитам празникот на сите српски граѓани во Македонија, во Србија и ширум светот, изјави Филев.
Српското здружение „Коштана“ во Охрид брои околу 150 чланови и е формирано во 1991 година со цел за негување на српската традиција и идентитет во Македонија.


