Skip to main content

Новинарски текст не смее да наликува на партиско соопштение

Рецензираме текст со наслов „(ФОТО) Да стапнеше некогаш во Истокот, немаше да ветуваш веќе изградени експресни патишта?!“, објавен на порталот gragjanskizbor.mk, на 29.06.2020 година.

 |  vistinomer.mk  | 

Пишува: Жаклина Цветковска

Рецензираме текст со наслов „(ФОТО) Да стапнеше некогаш во Истокот, немаше да ветуваш веќе изградени експресни патишта?!“, објавен на порталот gragjanskizbor.mk, на 29.06.2020 година.

Текстот е објавен во рубриката „Гласот на јавноста“ каде се објавуваат ставови на јавни личности, најчесто преземени од социјалните мрежи. Но, во овој случај не е јасно дали се работи за нечиј став или за став на порталот.

Во текстот не е посочен извор на информацијата, не е искористен цитат и не е разграничено дали станува збор за личен став или став на порталот, што е во спротивност со членот 4 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој е наведено:

Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.

Поради недостаток на основните информативни елементи, содржината на текстот може да наведе на заклучок дека се пренесува официјално партиско соопштение на политика партија, што не е точно. Врз основа на направен printscreen од објава во slobodenpecat.mк, од 27.06.2020 година, со наслов „Мицкоски: Ќе изградиме експресен пат од Штип за Кочани“, се коментира дека лидерот на опозицијата „Да стапнел некогаш на Истокот, освен во кампања,веројатно ќе сфател дека во источниот дел на Македонија се гради како никогаш до сега. Ама не стапнал!“.

Коментаторските елементи се присутни во целиот текст и не е направено разграничување помеѓу фактите и мислењата, веста и коментарот, со што е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите. Не е одговорено на прашањата каде е дадена изјавата, нуту се присутни факти, кои ќе ги појаснат изнесените наводи, кои се неоходни за објективно и непристрасно известување. Веста мора да биде поткрепена со конкретни податоци за темата за која се пишува, а особено кога се обвинува за неточно дадени изјави. Во овој случај приложена е само фотографија од градежни активности на пат, која нема временски и информативен контекст.

Во медиумскиот производ не е одржана и професионална дистанца од политичкиот субјект за известувањето од политичките процеси, што е предвидено со членот 14 од Кодексот на новинарите, кој гласи:

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Непрецизен е и самиот наслов на текстот „(ФОТО) Да стапнеше некогаш во Истокот, немаше да ветуваш вќе изградени експресни патишта?!“. Од насловот не може да се заклучи кој и кому му се обраќа.Насловот мора да биде информативен и јасно да упатува на содржината на текстот.

Основна задача на новинарот е да ги почитува принципите на известување,особено за време на изборни процеси и да се дистанцира од навивачкото новинарство.

Вестите во рубриката „Лажни вести избори 2020“ во целост се преземени од сајтот vistinomer.mk, за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.

Авторските права се отстапени за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.