Skip to main content

пристрасна вест

Приватна порака искористена за манипулација

Во предизборието, рецензираме политички пристрасна вест со наслов „Албанците ги тераат СДСМ и Беса во П. М.“
 |  vistinomer.mk  | 

Во предизборието, рецензираме политички пристрасна вест со наслов ,,Албанците ги тераат СДСМ и Беса во П.М.(документ). Меѓутоа, рецензираната вест, освен што е пристрасна и политички мотивирана, поттикнува меѓуетнички поделби и повикувајќи се на национализам се обидува да манипулира со чувствата на граѓаните. Исто така, во овој текст се употребува и јазик кој се коси со Етичкиот кодекс на новинарите.

Јазикот употребен во насловот на оваа вест е скандалозен. Не сите корисници на Фејбук имаат над 18 години, а сепак сите имаат пристап до оваа вест во која се употребени зборови кои не му доликуваат на еден новинар и кои се неприфатливи од аспект на основните стандарди на новинарската етика.

Во Етичкиот Кодекс на новинарите пишува : Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Почнувајќи од насловот па сé до самата содржина на текстот авторот ври една многу груба поделба меѓу Албанците и Македонците. Ова форма на манипулација е позната и во Припрачникот на КриТинк и се нарекува повикување на емоции.

Така, со постојано повторување и генерализирање со зборот „Албанците“, се прави обид за манипулација со емоциите на читателите за да оневозможи истиот да развие критичко и разумно мислење за конкретното прашање, односно да се информира, наместо да му биде извршено влијание.

„Билал Касами побара спас преку Заев, а овој вториот верува во Билал Касами, но како што се наближува денот на изборите, тие гледаат како сé повеќе пресушува нивната политичка сила. Овие две партии веќе почнале да ја почуствуваат кризата и како од ден на ден бледее поддршката за нив“, се вели во рецензираната вест.

Јасно се гледа дека тука станува збор за ставовите и мислењето на авторот на оваа вест а не за информативен жанр.

На овој начин направено е прекршување на уште еден принцип од Етичкиот Кодекс на новинарите, според кој: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот”.

„Скриншот” од еден разговор не може да се претстави како доказ, ниту да генерализира.

Ова вест има за цел да ги убеди читателите дека граѓаните, односно претставниците на албанската заедница, не ја поддржуваат коалицијата СДСМ-БЕСА. За да го докаже ова, авторот тврди дека поседува еден „документ“.

Тоа што е претставено како „документ“ од негова страна е само еден „скриншот“ во кој се гледа одговорот што еден граѓанин го напишал на официјалната Фејсбук страна на СДСМ, кој содржи навредливи зборови и во кој истиот пишува дека нема да гласа за нив. Доволен бил само еден „скриншот“ за овој автор да дојде до заклучок дека Албанците не ја подржуваат гореспоменатата коалиција.

На ваков начин не е обезбедена професионална дистанца и непристрасност од политичките субјекти и направен е обид да се изманипулира гласачкото тело.

Вестите во рубриката „Лажни вести избори 2020“ во целост се преземени од сајтот vistinomer.mk, за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.

Авторските права се отстапени за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.