Skip to main content

Лидерска средба за името

Државниот и политичкиот врв денеска ќе одржи средба за прашањето за името, во пресрет на новата преговарачка рунда што медијаторот Метју Нимиц ја закажа за неделава во Њујорк.

Branko Crvenkoski
Branko Crvenkoski
Државниот и политичкиот врв денеска ќе одржи средба за прашањето за името, во пресрет на новата преговарачка рунда што медијаторот Метју Нимиц ја закажа за неделава во Њујорк.

На средбата треба да учествуваат лидерите на владеачките ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, премиерот Никола Груевски и Али Ахмети, на опозиционите СДСМ и ДПА, Зоран Заев и Мендух Тачи, и шефот на државата Бранко Црвенковски.

Пред средбата на власта и опозицијата, двете страни изнесоа различни ставови во врска со македонската преговарачка позиција за решавање на разликите околу името со Грција.

Angela Merkel Nikola GruevskiВМРО ДПМНЕ се изјасни во преговорите со Грција да не се отстапува од двојната формула. СДСМ соопшти дека би било прифатливо привремената референца да се замени со име со географска одредница, доколку тоа не задира во достоинството и идентитетот на Македонија.

Лидерската средба во Скопје е закажана на еден ден пред разговорите на посредникот Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција во Њујорк во вторник.

Се уште не е решено дали тоа ќе бидат одвоени или средби на кои ќе присуствуваат претставници на двете страни. Заедничка средба засега е планирана за среда изутрина.

Не е исклучено Нимиц на претставниците на двете земји да им го презентира конечниот предлог за решавање на разликите околу името.