Skip to main content

Македонија го призна Косово

Владата на вчерашната седница расправаше за усвоената Резолуција во Собранието за односите на Република Македонија со Косово и донесе одлука да ја признае самостојноста и сувереноста на Косово.

Antonio Milisoski
Antonio Milosoki
На синоќешната прес-конференција Милошоски посочи дека наскоро ќе бидат воспоставени дипломатските односи и оти договорот за тоа ќе биде потпишан од страна на Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово. – Ова прашање воопшто не е дилема и сметам дека тоа е добар сигнал кој оди во вистинска насока, изјави тој.  

„Сметам дека ваквиот чекор ќе има позитивен ефект за регионалниот развој на настаните. Овој чекор не е насочен кон трета држава и очекуваме истиот да биде разбран од официјален Белград иако цениме дека нивната позиција по однос на ова прашање драстично се разликува во поглед на позициите кои ги имаа досега 50 држави во Европа и во светот. Република Македонија има богата културна, историска и трговска традиција на соработка со Република Србија која сакаме да го задржи високото ниво и треба да продолжи во тој правец“, истакна шефот на македонската дипломатија.  

Милошоски рече дека вчера телефонски го информирал српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ оти во македонското Собрание е покрената иницијатива за признавањето на независноста на Косово и оти денеска за тоа разговарал и со косовскиот шеф на дипломатијата Скендер Хисени.  

„Како две соседни држави и Косово и Србија ни се важни партнери и ќе остане така и во иднина. Со заеднички напори и усилби треба да гледаме кон иднината, кон заедничката соработка, меѓусебното помагање и да отвараме што пошироки перспективи за развој на екјономијата, трговијата, но и на политичките односи“, изјави Милошоски додавајќи дека очекува тоа да биде позитивно разбрано и од нашите соседи.

Оваа одлука, како што рече шефот на дипломатијата, Република Македонија ја носи во духот на сите претходни одлуки донесени во изминативе 17 години, кога станува збор за регионот, а водејќи се пред се од принципите на добрососедство, регионална соработка, стабилност, унапредување на можностите за меѓусебна комуникација… – Ова е важна одлука која ја однесовме во ист ден кога и Владата на Црна Гора. Нашата меѓусебна комуникација со црногорската Влада резултираше со заедничка изјава за признавањето на Косово. Изјавата беше заеднички краток и усогласен текст во кој ги има принципите според кои се водевме кога ја носевме оваа одлука, истакна Милошоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, шефот на македонската дипломатија рече дека одлуката за признавањето на Косово не е поврзана со гласањето во Обединетите нации. – Начелно, од српска страна на повеќе држави во светот, меѓу кои и на Македонија, им беше укажано дека чуствителен и значаен за нив е периодот пред донесувањето на таа одлука, со цел да не се нарушат нејзините можности. Македонија гласаше воздржано за одлуката во ОН. Сметаме дека со нашето воздржано гласање дадовме мал индиректен придонес таа резолуција од Меѓународниот суд на правдата да добие уште еден поттик. Цениме дека секоја земја има легитимно право тоа и да го побара, додаде Милошоски.

zname KosovoОва е потег, како што рече тој, „кој соодветствува со реалноста и тој нема потенцијал да ги загрози добрите основи за македонско-српското пријателство во иднина, без разлика што можеби на краткорочен период може да се очекуваат одредени реакции кои можеби нема да одат во прилог на ваквиот развој на настаните“.
Признавањето на Косово и решавањето на македонско-грчкиот спор за името, според Милошоски се прашања кои не се поврзани едно со друго.  

„Одлуката на Владата на Република Македонија е донесена самостојно, а пред се поттикната од Резолуцијата на македонското Собрание“, рече Милошоски.

Запрашан за можните чекори што би биле преземени кон македонскиот амабасадор во Република Србија, Милошоски изјави оти не би го изненадила слична реакција како онаа кон црногорскската амбасадорка во Белград. Српските власти вечерва донесоа одлука да ја известат Подгорица дека присуството на нејзиниот официјален претставник во Белград повеќе не е пожелно.

„Во секој случај цениме дека таквата можна реакција не би била позитивна. Српскиот амбасадор во Република Македонија е добредојден и нему и понатаму ќе му бидат овозможени сите услови за работа како официјален претставник на Република Србија“, истакна шефот на македонската дипломатија.     

Во однос на тоа дали очекува повлекување на одлуката за признавање на Република Македонија под уставното име од страна на Белград, Милошоски рече дека не би можел да ги предвиди реакциите од страна на Србија. – Сметам дека една работа е сигурно јасна. Сите овие 50 држави кои досега превзедоа чекор да ја признаат самостојноста на Косово не сносат, а најмалку Македонија, вина за развојот на настаните што официјален Белград ги смета за неповолни во однос на косовското прашање. Затоа секоја идна реакција треба да биде добро осмислена, прагматична и сериозна и да ги има предвид перспективата и соработката што Македонија и Србија се повикани да ги имаат една со друга во периодот што е пред нас, истакна македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
Одлуката за признавање на независноста на Косово, Владата ја донесе откако  македонското Собрание ја усвои Резолуцијата за односите на Република Македонија со Косово со која и се препорачува на Владата во рамките на своите уставни надлежности и согласно државните и националните интереси да ги преземе сите неопходни активности за воспоставување на дипломатски односи со Косово и неговото признавање.