Skip to main content

Собранието ја избра новата Влада, Ковачевски е премиер

Собранието ја избра новата Влада по два дена дебата. Опозициските пратеници гласаа против, обвинувајќи дека овој владин кабинет нема политички легитимитет и за можно предавство во преговорите со Бугарија. Владејачкото мнозинство ги отфрли барањата на опозицијата за предвремени избори.

 |   | 

Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани пратениците во Собранието ја изгласаа новата македонска Влада која ќе ја предводи новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски. Два дена траеше дебатата меѓу пратениците. Опозицијата не го поддржа новиот владин состав, наведувајќи дека тој нема легитимитет и сметаат дека ќе ги продолжи политиките на претходната Влада на Зоран Заев. Тие бараат да бидат организирани брзи предвремени парламентарни избори. Пратениците кои ја поддржаа Владата, велеа дека таа црпи легитимитет од парламентарните избори во 2020 година.

Гласањето за нова Влада се случи откако претходниот премиер Зоран Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година, кога ја најави оставката и од премиерската функција. Потоа Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ и го доби мандатот за формирање на Влада од претседателот Стево Пендаровски, по обезбеденото мнозинство во Парламентот.

Ковачевски во завршните зборови, пред гласањето, им се заблагодари на пратениците за поддршката, но и за критиките и наведе дека се надева оти опозицијата ќе биде конструктивна во носењето на одлуките во интерес на граѓаните. Тој додаде дека со работа во Владата ќе почнат веднаш, особено на решавање на енергетската криза.

Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржливо во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш ќе работиме посветено на економијата и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните – рече Ковачевски наведувајќи дека по средбата со бугарскиот премиер Петков во вторник, сакаат да воспостават нова соработка со Бугарија базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност.