Skip to main content

Република Македонија на единаесеттото венецијанско биенале

Во палатата Зенобио во Венеција денеска ќе биде отворен павилјонот на Република Македонија на 11. Интернационална изложба на архитектура што ја организира Венециското биенале.

Во палатата Зенобио во Венеција денеска ќе биде отворен павилјонот на Република Македонија на 11. Интернационална изложба на архитектура што ја организира Венециското биенале. 

Павилјонот е подговтвен за презентација и свечено ќе биде отворен во присуство на заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

На четириесетина метри квадратни се поставени компонентите на „Метамак-отсечоци“ кој ги обединува делата на 13 македонски архитекти. Автори на проектот со кој Република Македонија третпат се претставува на престижната изложба на современо архитектонско творештво се Мартин Гулески, Влатко П. Коробар, Митко Хаџи Пуља, Минас Бакалчев, Бетим Зекири, Саша Тасиќ, Димитар Папастеревски, Ана Ивановска, Владимир Десков, Искра Анастасова,  Владимир Лековски, Јован Ивановски и Дејан Ивановски. Покровител на учеството е Министерството за култура, а носител на проектот е Музејот на Град Скопје.

Во парчиња картон се претставени архитектонските решенија за изградба на Амбасадата во Анкара, Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, библиотека во Берово, рекреативно-едукативниот центар на гимназијата „Нова“, Музејот на македонската борба, куќа во Битола и црква и трговски центар во Скопје. Шесте тима различни генерации архитекти со своите трудови здружени во заедничка целина одговораат на претпоставката што би било кога архитектурата би била сведена на површински феномен и би станала картонска творба, исечок од картон здиплен во одредена просторна конфигурација.

Оваа година биеналето за архитектура го води Арон Бетски, а генералната тема на изложбата е „Таму некаде – архитектурата над градењето“ (Out There: Architecture Beyond Building).
Денеска е и официјланото отворање на 11-та Интернационална изложба на архитектура која посетителите ќе може да ја видат од 14 септември до 23 ноември. Педесетина земји-учеснички ќе го претстават националното архитектонско творештво во своите павилјони во Арсенале, Џардини и во историското јадро на Венеција, во трка по трите награди Златен лав – за најдобра национална партиципација, за најдобар проект на изложбата и за надежен млад архитект. Златниот лав за животно дело годинава му припадна на  американскиот архитект Френк О’Гери.