Skip to main content

Нов правилник, стари проблеми

Голем број од основните училишта од градов, оваа учебна година нема ни да ги изведат ученичките екскурзии.

 |  Крсте Голабоски  | 
ekskurzii
екскурзии

Административно обременет, новиот Правилник за начинот на изведување на ученичките екскурзии, дополнително го усложни процесот на спреоведување на овие воннаставни активности. Кога во ноември месец минатата година, истиот беше донесен од страна на Министерството за образование, идејата и самата негова цел беше, да придонесе за подобрување на квалитетот на изведувањето на училишните екскурзии и да ја зголеми безбедноста на учениците.

Olivija Piruzeva JanevaНо директорите на основните училишта со малку поинакво мислење. Директорката на најголемото охридско основно училиште, „Христо Узунов“, Оливија Пирузева Јанева, вели дека самиот правилник е презаситен со административни моменти, кои пак дополнително го скратуваат времето за организирање на екскурзиите, а тоа дури и не е неговата единствена слаба страна. Имено училиштето треба да го врши изборот на правниот субјект кој ќе ја организира екскурзијата преку постапка за прибирање понуди преку јавен оглас. А единствен критериум за доделување на Договор за изведување на екскурзијата е најниската цена.

„Другата лоша страна спроед мене, а ќе се согласат и останатите мои колеги, е тоа што единствен и основен критериум за понудувачот е најниската цена. Мислам дека не треба да биде најниска. Мислам дека има останати критериуми кои треба да предначат пред најниската цена“, вели Јанева.

Понудувачите мора да се регистрирани во согласност со позитивните прописи во државата за вршење на соодветна туристичка дејност, да имаат успешно реализирани најмалку три училишни екскурзии во последните три години и да ги исполнуваат условите за превоз на групи деца. И покрај тоа, додава директорката Јанева, огромен ќе биде бројот на агенциите кои ќе се пријават, а со тоа речиси невозоможно ќе биде да се увериме во нивниот квалитет. Што се однесува до трошоците самото огласување кое треба да биде спроведено во два дневни весници и македонски и албански, тие остануваат секако на терет на училиштето. Инаку Училишниот одбор од секое училиште треба да формира посебен стручен тим составен од директорот на училиштето, раководителот на екскурзијата, одделенските раководители во траење од најмалку една година. Мислење за секоја програма за екскурзиии даваат советот на родителите во училиштето, Бирото за развој на образованието и Советот на општината, најмалку 60 дена пред изведувањето. Директорката Јанева вели дека најверојатно оваа година екскурзијата ќе изостане.

„Не сме подготвени, искрено најверојатно оваа година во нашето училиште нема да се спорведе екскурзијата, а мислам и речиси во сите училишта, според разговорите со моите колеги. Не сме подготвени да ја завршиме постапката, онака како што треба“, децидна е Јанева.

Можеби еден од позитивните моменти е тоа екскурзиите ќе се изведуваат во друг географски регион од местото на живеење на учениците, пракса која додуша се спроведуваше и години наназад. Исто така двапати во годината училиштата ќе треба да организираат и излети во поблиската околина во траење од еден ден. При слободните училишни активности задолжително мора да има лекар, кој ќе се грижи за здравјето на учениците.

{loadposition content9}