Skip to main content

Камбанаријата во Перивлепта раскажува за Пупин

Звукот на ѕвоното од камбанаријата од дворот на црквата Св.  Богородица Перивлепта се разлева силно и надалеку. Со радосниот одек се разлева споменот за Св. Климент, но и сеќавањето на Михајло Пупин, донаторот на камбанаријата.

 |  Валентина Нелоска  | 
zvono
ѕвоно

Звукот на ѕвоното од камбанаријата од дворот на црквата Св.  Богородица Перивлепта се разлева силно и надалеку. Со радосниот одек се разлева споменот за Св. Климент, но и сеќавањето на Михајло Пупин, донаторот на камбанаријата.

По  неговото второ доаѓање во Кралска Југославија, а од контактите во 1921 година со тогашниот Охридски епископ, д-р Николај Велимировиќ, се родила идејата од неговиот фонд  да се изгради камбанарија во  дворот на тогашната црква Св. Климент.  Во тоа време Охрид, лулката на христијанството на Балканот, немал камбанарија, истакнува Проф.Митрески.  И одлуката Пупин ја  донесол да се излие најголемото ѕвоно на Балканот. Ѕвоното тежело 3 тони и се лиело во Љубљана. За изработката и превозот на камбаната Пупин платил 129.000 динари, а ја именувал како „Камбана за ослободување на Македонија“. На камбаната е изгравирана икона со ликот на Св. Климент Охридски.

Во 1923 година во Охрид стигнува најголемото ѕвоно на Балканот. Камбаната стигнала со чајничето  на железничката станица кај фабриката Лихнида, а до камбанаријата била влечена со 12 пара волови.  „Проблем била угорницата која требало да се совлада. За таа намена бил изграден посебен пат за да се донесе ѕвоното, а пренесувањето било на свечен начин во кој учествувале и свештеници и верници“, раскажува Митрески. Претходно во дворот на црквата започнала изградбата на камбанаријата. Темелите биле осветени во 1923 година. Со изградбата на објектот раководел Крстан Филчески, а биле ангажирани врвни вевчански мајстори“, потсетува  професор Митрески.

Камбанаријата била свечено пуштена во употреба на  7 јули 1923 година , а ѕвоното се слушало се до Св.Наум и Дебар, истакнува професор Митрески.

Михајло Пупин бил мошне религиозен човек. Во Америка во кругот на своето семејство со сопругата Сара и ќерката Варвара, со своите пријатели и колеги, ја прославувал семејната слава Св. Богородица. Пупин во периодот од 1925 година, па се до неговата смрт во 1935 година од неговиот специјален фонд стипендирал талентирани ученици од Охрид, Битола и Скопје. Им помагал  и на сиромашните граѓани во Охрид, и на христијаните и на муслиманите, за кои имал фонд од 100.000 динари. Тогашните охридски власти му се оддолжиле на големиот научник и донатор со  именување на една улица во негова чест.

Sv Bogorodica Perivlepta (Sv Kliment)

До 1941 сегашната улица Димитар Влахов го носела името на  Пупин.

Михајло Пупин многу сакал да ја посети Македонија, но  времето и здравјето тоа не му го дозволиле. Но, затоа пак со својот авторитет во политиката се залагал за автономна Македонија, а тоа го искажал на Париската Мировна Конференција во 1919, укажува според наодите во своето истражување Професор Митрески. Донацијата на Михајло Пупин, камбаната, веќе 88 години е на бедемот на „Св Климент“, биејќи радосно  и тажно. Тажно биела и на 12 март 1935 година,  на денот на смртта на нејзиниот дарител. Со својот продорен  звук, одвреме на време не потсетува и денес, на големиот човек, иноватор и научник  Михајло Пупин.

{loadposition content9}