Skip to main content

Вицепремиерот Пешевски и хотелиерите решаваа проблеми во туризмот

Првите тури со холандски туристи ги седнаа вицепремиерот Пешевски и хотелиерите на иста маса.

 |  Наумоски Мишел  | 
Првата група Холанѓани после долго време го посетија Охрид. Што видоа тие во нашиот град ? Што им понуди Охрид на своите омилени посетители? Ова беше доволна причина за вицепремиерот Пешевски да се сретне со хотелиерите и туристичките агенции. Заедничкиот проект на Владата, хотелите и локалните туристички агенции резултира со враќање на некогаш најбројните посетители на нашиот град. Вицепремиерот и сам се уверил во квалитетот на понудата престојувајќи во еден од хотелите каде што биле сместени холандските туристи.

„Можам да кажам дека квалитетот е на едно навистина задоволително ниво, го посетив и градот, хигиената е исто на едно задоволително ниво, постојат одредени забелешки и токму заради тоа и одржуваме една работна средба со хотелиерите на која што целта ми е да се запознаам со некои од проблемите кои што би можеле ние како централна власт да влијаеме да се отстранат со цел проектот да заживее уште повеќе и воопшто на градот Охрид и на Охридското езеро да се вратат во градот.“-рече Владимир Пешевски-вицепремиер за економски прашања

Вицепремиерот ги слушна и проблемите со кои се соочуваат хотелиерите и туристичките агенции, потенцираше дека холандските туристи не биле задоволни со разновидноста на понудената храна во некои од хотелите, осветлувањето во градот, состојбата на патиштата, но генералната оценка била задоволителна.

„Досега пречекавме четири лета, првите реакции на луѓето се доста позитивни. Работиме на теренот да ја подобруваме организацијата при нивното сместување и при нивната посета во Македонија, при посетата на локалитети кои што се предвидени во нашата програма.“-вели Асим Еџедовиќ-извршен менаџер во Фибула травел

Еџедовиќ додаде дека тие имаат изработено и посебен каталог кој му се дава на секој патник при пристигнувањето. На средбата имаше и претставници од ХОТАМ кои го изразија своето задоволство од зголемените субвенции за земјите од БЕНЕЛУКС, но уште еднаш ги истакнаа и проблемите со кои најчесто се соочуваат во своето работење.

Дончо Танески од ХОТАМ вели дека најголем проблем им претставува кога посетуваат места надвор од границите на државата, бидејќи обработката на пасошите за цел автобус туристи трае по час некогаш час и половина, а овој тип на туристи не се навикнати да чекаат толку долго

„Веќе на 15 јуни доаѓаат сопствениците на „Корендон“ кои ќе разговараат за потпишување на нови, тригодишни договори. Тоа за нас како стопанство значи многу, бидејќи ние однапред веќе ќе можеме да планираме кој дел од тие средства ќе ги употребиме за инвестиции и дотерување на веќе постојните објекти“-рече Танески.