Skip to main content

Охридски чун товарен со спомени

Во сеќавањата кај помладите генерации го нема, а повозрасните охриѓани пак со носталгија коментираат, за греота и срамота да немало барем еден чун.

 |  Валентина Нелоска  | 
cunovi i ribari
чунови и рибари

Чунот, симболот на Охридското езеро одамна исчезна од употреба. Пред еден век чунојте биле единственото превозно средство, но под налетот на новото време се појавија кајчина и глисери. Единствено, сега чунот  може да се види само на фотографии. Во сеќавањата кај помладите генерации го нема, а повозрасните охриѓани пак со носталгија коментираат, за греота и срамота да немало барем еден чун.

Времето  неминовно носи нови трендови. Но, жално е што нема барем еден симбол на охридскиот чун кој ќе сведочи дека некогаш постоел  тука  на Сараиште и Ј‘но. Го нема ни во охридскиот музеј за да може сегашните генерации да го доловат неговиот изгледал.

cunovi

Охридските чунови биле дрвени, големи и стабилни пловила, а се делеле во три категории. Големите служеле за транспорт и трговија, средните за ловење рибно и малите за шетање и разонода. Чунови се изработувале од специјален бор кој се носел од Албанија. Страниците се изработувале токму од тој бор, кој бил траен и лесен, а останатите делови се работеле од бука. Познати мајстори кои изработувале чуној биле турчинот Арслан од Пештани и од Канео, Љон Каневче. Подоцна, нив  во мајсторлукот ги наследиле браќата Стефан и Никола Димзови. Чунојте се правеле на есен, кога дрвото добро ќе се исушело на летното сонце. Доколку  материјалот бил квалитетен на двајца  мајстори за да го сработат им биле потребни од 6 до 7 дена. Чунот бил составен од неколку дела, прамецот се викал „предница“, задниот дел „задница“ , а страниците се викале “кори“. Корите имале трајност и по 30 години, а „душемето“ или подот било буково и  траело до 6-7 години. Потоа се поправало и прековало. Клинците попуштале и било задолжително да се престегнат. Со чунојте се тргувала разна стока од Албанија и Струга. Имало пљачкашки банди по сувоземните патишта, а најбезбеден начин за превоз биле токму чунојте.

cunovi

Рибарењето, пак се одвивало на големи чуној со 3, 4 и 5 весла и еден кормилар одзади. Едно додатно весло се ставало од позади кај кормилото, за при поголеми бранови чунот да биде стабилен  и да не се преврти.

Рибарите со чунојте пуштале влакој пештански, мегдански, груначарник. Најчесто се рибарело со два чуној, а подоцна и со три.

Чунојте за разонода, пак  имале и минсофи кои се прекривале со ќилимчиња. Со чуновите се одело на прошетка Билјанини извори, Свети Стефан и Канео . Се прославувале верски празници, се патувало на панаѓури до Калишта, Св Стефан, Свети Наум. Се правеле и свадби. Со по неколку чуној  се одело по невеста до Струга. Во еден била сместена музиката, а во останатите  сватовите и младоженците. По езеро се правеле дури и првичиња. Чунојте претходно биле свечено украсувани. Нити  верските празници не помунувале без нив. На Водици задолжително крстот се фрлал токму од чун. Избраниот чун се украсувал со зелени венци, на повисоко ставале стол на кој седнувал владиката.

Тајфи рибари со чуној доаѓале до Студенчишта.  Празнувале на Петровден и Павловден кога рибарите не влегувале в езеро. На тие два празници не се рибарело  и не се фрлале влакој. Рибарите по каналот  пловеле до аузите, изворите. Под високите чинари  се орела песна  и се правеле незаборавни веселби со музика. Не случајно досетливиот угостител тука го  поставил макета на чун како симбол на Охрид.

kajceПокрај чунојте, во поново време се појавиле и други пловни средства. Така на  приемер, кајчината почнале да се изработуваат во  бугарското, за време на Окупацијата. Охридскиот летописец Никола Поп Стефанија, ќе запише дека по езерото пловела и Гемија. „Во 1816 година, во сабота, Џеладин бег, наредил да се крева ќерестето од Горица. Имало 40 чуној , 130 колачи и во сите колачи се збирале 1389 штици. Се собрале сите варошани, мали и големи. Во еден ден ги кренаа и  судни маки претргаа, ќе запише во својата хроника, Поп Стефанија. Езерото се подновувало и со разни мали и поголеми бродови.

Во последно време кај помладите охриѓани се пројавува желба да се врати чунот како симбол на Охрид. Пред две години на иницијатива на граѓани од Месната заедница „Стар град“ е поднесено барање на Сараиште да се постави чун во природна големина, и влакој, рибарски мрежи  кои ќе постетуваат на едно минато време од нашата традиција и култура. Но, за  реализација на проектот се уште чекаат амин од надлежните служби. Се чека да се реализира и сличен проект и од страна на Завод и музеј,  да се постави чун во близина на Лапидариумот како етнолошки експонат, карактеристичен за Охрид и Охридското езеро.

{loadposition content9}