Skip to main content

Операцијата Флоријан-успешна

Спасувачите од охридските плажи денес се пофалија со наученото. Курсевите за спасување на вода и прва помош кои ги спроведе операцијата Флоријан од Манчестер-Англија повеќе од успешни. Спасувачите ги демонстрираа своите вештини и снаодливост и изведоа показна вежба со интересно сценарио. Ова е веќе втора година од соработката помеѓу операцијата Флоријан и Црвениот крст од Охрид од каде произлегуваат спасувачите.

 |  Мишел Наумоски  | 
spasuvaci vezba
спасувачи вежба

Втора година од соработката помеѓу Англичаните од Манчестер и Охридскиот Црвен крст која кулминираше со денешната показна вежба која ја изведоа спасувачите. Спасувачите увежбуваа нови техники и ги обновуваа знаењата стекнати минатата година со цел да бидат подготвени да се грижат за оние кои што ги користат капалиштата во текот на летниот период. Во Општинската организација на Црвениот крст од Охрид задоволни од наученото, но покрај знаењето нив најмногу им е потребна и додатна опрема.

„Во текот на 2010 година имавме една донација од два чамци за спасување од операцијата Флоријан од Англија кои што сега ги користиме и на оваа вежба и навистина покрај оние активности кои што ќе ги имаме во текот на летниот период околу ангажманот на спасителите, вложуваме максимални напори да ги оспособиме и обучиме со сите најнови вештини и техники кои се користат и практикуваат во светски рамки.“-изјави Претседателот на О.О на Црвен крст-Охрид, Сашо Точков

spasuvaci vezbaПретставниците од операцијата Флоријан покрај сето знаење кое им го пренесоа на спасувачите за многу краток период, со себе донесоа и додатна опрема, како чамци и елеци за спасување. Тие изразија големо задоволство од она што го видоа во показната вежба на спасувачите.

„Тие одлично ја изведоа вежбата денес. Минатата година започнавме со веќба која исто така помина одлично. Она што спасувачите го направија денес беше навистина добро. Мора да потенцираме дека им треба повеќе опрема за да го прават тоа уште подобро. Сите мора од некаде да започнеме. Овие спасувачи се навистина професионални, посветени луѓе и без никаков сомнеж тие се заслуга на Охрид. Она што треба да го направиме е да продолжиме со оваа програма и понатаму.“рече Виктор Капицки претставник од Операцијата Флоријан.

Капицки додаде дека доколку се поседува вистинскиот ментален склоп и вистинските знаења, спасувањето на вода, безразлика за кое место се работи нема да претставува никаков проблем, и дека токму во таа насока се спроведуваат и овие курсеви. Покрај спасувањето од вода, спасувачите тренираа и прва помош.

„Ова е втора година како работиме со спасителите на обуката во прва помош. Спроведовме курсеви за освежување на знаењата за спасителите кои ги трениравме минатата година, а спроведовме и курсеви во прва помош и за новите спасители кои што се пријавија. Првата помош е навистина важна за спасителите затоа што тие се првите луѓе кои пристигнуваат на местото на настанот и тоа е навистина важно за нив. Затоа и се трудиме да донесеме што е можно повеќе опрема, собираме средства во Велика Британија да донесеме дефибрилатори и друга опрема затоа што тоа е она што им е потребно.“-додаде Роуз Вокинс-Операција Флоријан

Спасителите со овие курсеви започнаа пред официјалниот почеток на летната туристичка сезона и со наученото ќе треба да ги чуваат охридските и струшките плажи каде изминативе години бевме сведоци на многу инциденти. Добар предзнак е фактот дека секоја година се пријавуваат се поголем број на спасувачи кои се грижат за безбедноста на плажите.

{loadposition content9}