Skip to main content

Раѓање на совршенството-ироничен приказ на злоупотребата на дроги

Раѓање на совршенството, е ироничниот наслов на првата самостојна изложба на младата надежна уметничка, Мила Коцарева.  Изложените 50 слики во пастелна техника се лично видување на Мила за опасноста во која се наоѓаат младите кои злоупотребуваат наркотични средства. Оваа изложба е по повод 26 Јуни-Меѓународниот ден за борба против злоупотреба на дроги.

 |  Мишел Наумоски  | 
slika
слика

„Раѓање на совршенството“ е првата самостојна изложба на 15 годишната Мила Коцарева. Насловот на изложбата полн со иронија, упатува на неверојатниот сензибилитет на младата уметничка која за своите години успеала да создаде кристално јасна слика за најголемата опасност во која се наоѓаат младите-злоупотребата на дрогите. Нејзините апстрактни пастелни изрази во себе носат силна порака до младите, но и до сите луѓе воопшто.

„Бев вознемирена од фактите што голем, масивен е бројот на млади лица кои што употребуваат дрога. Податоците од СВР  велат дека најмалиот зависник во општина Охрид е на 12 годишна возраст. Јас сакам некоја порака да пренесам преку сликите, затоа што тука мислам дека се забележува дека се сликани со многу јаки, ведри бои, дека има надеж некоја дека тие млади лица навреме ќе се отргнат од тој лош пат каде што тргнале и некогаш во животот можат да станат некои успешни луѓе.“-вели авторката Мила Коцарева.

Mila KocarevaОваа изложба е по повод 26ти Јуни, Меѓународниот ден за борба против злоупотреба на дроги. Раѓање на совршенството е во организација на Црвениот крст од Охрид, а потпомогнато од Центарот за култура-Григор Прличев и студиото на Летра дизајн.

„Навистина гордост и чест како организација за нас, нејзиното првенче да биде промовирано во една хумана цел, а тоа е денот за борба против зависностите од дроги и од сите оние опојни супстанци кои ги конзумираат луѓето меѓутоа кои се многу штетни по нивното здравје.“-рече Анета Јовановска-Координатор на Црвен крст-Охрид

Младата авторка со уметност се занимава од своја најмала возраст и има добиено повеќе награди за ликовни и литературни творби. „Потрага по совршенство, по нешто ново, поинакво, возбудливо. Младите нежни души во својата отвореност и неискуство можат да станат лесен плен на наркодилерите.“-ова е реалистичниот поглед на авторката за оваа комплесна тематика, тематика која таа ја разработува со само 15 години. Изложбата ќе биде отворена во недела, на 26 Јуни во 18 часот во Центарот за култура-Григор Прличев. Свој перформанс на отворањето ќе има и балетската група „Соната“.


{loadposition content9}