Skip to main content

Село Речица-вистински рај за туристи ама без никаква инфраструктура

На сред село, кај единствената селска чешма, паркирани автомобили на луѓето кои одамна го напуштиле местото. Денес, дошле во Речица да запалат свеќа и да се помолат за здравје и среќа, во малата, но живописна црква посветена на светите лекари Кузман и Дамјан.

 |  Мишел Наумоски  | 
crkva Recica
црква Речица

Денес е голема слава во охридското планинско село Речица. Се слават светите Врачи Кузман и Дамјан. По малото, тесно патче кое води до селото, денес поминуваат многу автомобили, автомобили со кои назад, во родното место, па макар и на еден ден се враќаат сите речани кои некогаш го напуштиле селото во потрага по некој подобар живот. Црквата свети Врачи Кузман и Дамјан, денес ги прима сите верници.  Малечка, но бескрајно живописна, а денес особено полна со живост. Овој празник, оваа селска слава е единствениот ден во годината кога Речица барем за момент добива дел од поранешниот сјај.

valajciКако и многу други села од околината, и од тука заминале најголемиот број жители. Сега доаѓаат само за празникот или одвреме навреме на еден убав викенд во природа.

„За жал, за жал, нашето село е жртва како и многу други села во Македонија на миграцијата од 1965-70те години од минатиот век, меѓутоа постои ентузијазам кај младите да се вратат во старите огништа. Колку во тоа ќе успееме зависи и од нас, но и од општината, и од обезбедената инфраструктура. Кај нас имаме мрежа телефонска, струја имаме, асфалтен пат кој за жал не се одржува.“-вели претседателот на месната заедница од Речица, Кире Ристески.

sv. Vraci Kuzman i DamjanСребре Велјаноски е еден од оние кои одамна го напуштиле родното огниште. За Речица вели дека е вистински рај на земјата, и за жителите, но и за туристите кои одвреме-навреме доаѓаат.

„Ова наше место е благословено од Господа. Мислам дека најубавото место за тој рурален туризам и за сточарство, знаеме дека Речица е планинско место за живеење. Мислам дека жителите, еве јас лично за мене кажувам, дека живеам во Охрид 40 години, но ако ми се создадат услови, не лично мене, туку општо за селаните, јас би се вратил назад да живеам во Речица, бидејќи имам и нова куќа направено и годините една по една ме газат и сакам старите години мирно да ги поминам овде, но ако се создадат услови за живот.“-рече Сребре Велјаноски од црковниот одбор на црквата „Св. Врачи Кузман и Дамјан“.

selska ceshma RecicaВелјаноски вели дека ниту тој, ниту другите жители на Речица не бараат некои големи инвестиции. Потенцираше само неколку од проблемите, кои речани ги мачат повеќе децении.

„Најопходно ни е еден водовод, водоснабдувањето, патот да се поправи, ние немаме некои крупни работи, волја само за добар живот, но тие работи треба да се сторат па не само јас, и други жители од селото Речица на идеја се да се вратат назад затоа што е во близина на Охрид, не е далеку. Мислам дека овие идеи да би се оствариле, би било подобро за сите, и за гости и за туристи и за целото општество.“-изјави тој.

Речани со своите најгорливи проблеми се обратиле и до локалната самоуправа во Охрид. Претседателот на месната заедница, Кире Ристески вели дека најголемиот дел од предлозите со кои излегле пред локалната, биле начелно прифатени.

osteten pat „Кога ќе се реализираат тоа зависи од нив. Ние не бараме многу, ќе бидеме скромни во барањата, да се санира патот и имаме еден наш парадокс. Меѓу две реки сме, но за жал без решен проблем со вода, со водоснабдување. Вие поминавте покрај Коселска река, таа е живописна, има 5-6 валавици кои се посетувани во летниот период од многу странски туристи, преку наши туристички агенции и кога доаѓаат, прашуваат дали имате вода, тоалет, купатило, ние ги креваме само рамената.“-вели Ристески.

Во моментот, Речица има само еден постојан жител. Сам, и преку лето и преку зима. Вели дека Речица сега е како село без кучиња. Единствено на денешниот празник, светите Врачи Кузман и Дамјан, селото живнува по малку.

Локалната самоуправа најави изработка на програма за развој на руралниот туризам, во која меѓу другите места, се споменува и името на село Речица, но прашањето е како без вода за пиење, патна и било каква друга инфраструктура оваа програма би можела да се реализира. Факт е дека Речица има одлични природни услови за развој на туризмот, но засега тоа е се што има. Од утре Речица повторно ќе биде празна, ќе чека некој убав сончев викенд или пак наредниот Свети Врачи Кузман и Дамјан.

{loadposition content9}