Skip to main content

Георгиески: Реконструкција на кејот, како една од најважните туристички зони во градот

Кејот „ Македонија”, едно од најфреквентните и најпосакувани места за охриѓани и за туристите, е амортизиран, еродиран и оштетен. Реконструкцијата на кејот е неопходна, изработен е проектот и истиот ќе се реализира со средства од алтернативни извори на финансирање како фондови или програми за развој на туристичката инфаструктура, кажа денеска на прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид, Константин Георгиески.

 |   | 

Реконструкција на кејот, како една од најважните туристички зони во градот, најави Константин Георгиески, кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ.   Кејот „ Македонија” кој е една од главните атракции, најфреквентните и најпосакувани места за охриѓани и за туристите, низ годините е многу амортизиран, бетонот на постојната конструкција на крајбрежниот ѕид во најголем дел е еродиран и оштетен, кажа Георгиески.

„Веќе имаме изготвено Проект за реконструкција, издадено е одобрение за градба и  изработена е Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти од реконструкцијата. Вкупната процената вредност на проектот е околу 1,3 милиони евра и за негова реализација планирано е да се обезбедат средства од алтернативни извори на финансирање, како што се фондови или програми кои поддржуваат развој на туристичката инфаструктура.“-кажа Георгиески.


Со реконструкцијата на кејот ќе се опфати површина од 992 метри квадратни на крајбрежниот дел во градската зона. Во рамки на реконструкцијата ќе биде изведена заштитна потпорна конструкција, а предвидено е отстранување на постоечките бехатон плочи и поставување на слој од полупропусен цемент, врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи, објасни Георгиески.

„Проектот предвидува и декоративни ѕидчиња од бетон обложени со камени плочки, врз кои ќе бидат поставени дрвени клупи. Исто така ќе биде поставена и нова урбана опрема како што се држачи за велосипеди, корпи за отпадоци, клупи, скали за пристап до водата, нови канделабри за осветлување, а ќе биде изведено и соодветно хортикултурно уредување.“


Георгиески кажа дека негова цел е Охрид да добие јавни површини со современ лик, достојни за еден туристички и културен центар. Додаде дека тој и неговиот тим ги слушаат барањата на граѓаните, ги разбираат нивните потреби и работат континуирано  на подобрување на условите за живеење. Проектите кои ги ветуваме се реални и остварливи, подвлече Георгиески.