Skip to main content

Охридски парамедици се стекнаа со искуства во Холандија

Тие беа вклучени во програмата на ОО ЦК за обука на парамедици со едно неделен работен престој во холандскиот национален здравствен систем. Се вратија дома со позитивни искуства, а споделуваат за разликите овде и таму. Холандскиот здравствен систем е поорганизиран, имаат опрема и  знаење како да ја искористат, велат охридските парамедици. 

 |  Валентина Неловска  | 

Четири матурантки од медицинските паралелки при средното стручно училиште „ Св. Кирил и Методиј“, како парамедици се стекнаа со искуства од престојот во Холандија. Станковска Мартина, Елена Симјановска, Елена Маркоска и Петровска Емилија како најдобри на спроведената обука за парамедици на ОО ЦК и Холанскиот национален здравствен систем имаа можност за 7 дневна работна посета на тамошни институции. Младите медицинарки по престојот во оваа западноевропска земја се вратија дома со силни импресии од она што има можност да го видат и научат таму .„ Работевме во амабуланта на островот Амелен, имавме еднодневен тренинг. 24 часовна смена во Дрехтен. Бевме дел од реални ситуации, реанимации, сообраќајни несреќи“, раскажува Станковска.

Елена Симјановска, раскажува за позитивните искуства, но и за разликите кои ги увиделе кај нас и во Холандскиот здравствен систем.


„ Мислам дека најголемата разлика во Холандија и овде е таму што се поорганизирани. Секој ја знае својата положба, имаат и опрема и знаење како да ја искористат истата. Имаат и постојани тренинзи и обуки на кои ги обновуваат знаењата на секои 2 години“, споделува Симјановска.

Маркоска Елена споделува од она што можеле да го работат со единица на холандската пожарникарска служба. Таа укажува на големиот број волонтери кои се вклучуваат во службата за гаснење на пожари, а при тоа се со различни професии.

„ Таму користат тешка опрема со компресори за кислород. Можам да кажам дека е тешка и одговорна професија и секоја чест за организираноста и подготвеноста. Имаше и доста волонтери, луѓето доброволно одработуваат смени во пожарната и им помагаат на луѓето “, посочува Маркоска.

Петровска Емилија појаснува како четирите медицинарки се најдоа во тимот кој отпатува во работна посета во Холандија. ОО ЦК во соработка со Холандскиот национален здравстен систем спровеле обуки во септември и октомври 2018 година на кој тие покажале одлични резултати.

„Во Холандија се стекнавме со големо искуство. Научивме како да ја користиме опремата , бевме импресионирани од добрата организација. Секој ја знае својата положба. Многу беа љубезни кон  нас,“ вели Петровска.

Инаку, соработката за обука на парамедици помеѓу ОО ЦК И Националниот здравствен систем од Холандија е од 2016 година. Трета година по ред се организираат еднонеделни работни посети во ова земја каде што најдобрите охридски средношкоци по медицина стекнуваат знаења и искуства од нивната струка.