Skip to main content

Деновиве во Охрид целосно ќе биде ставен во функција новиот Центар за спасување на планина

Авантуристичкиот туризам освен природните можности прилагодени на барањата на современиот туризам треба да гарантира и безбедност.Тоа значи опрема за брза и безбедна акција и спасување во случај на потреба, како и координација на самите служби.

 |   | 

Во рамки на проектот „Регион Охридско Езеро безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, денес во Охрид се одржа работилницата “Управување со ризици и воспоставување на ефикасни системи за спасување – како основа за развој на авантуристички туризам”. Целта на работилницата е да се запознаат туристичките работници со капацитетите на новоформираните служби за спасување на планина во македонија и спасување на вода во Поградец, Албанија. Исто така се направи еден мал вовед за управување со системот со ризици, кој мора да го имаат во своите планови воведено туристичките работници кои сакааат да го продаваат овој вид туризам.

„Колку и да се подготвени, колку и да имаат соодветни и прецизни планови за управување со ризиците, сепак ситуацијата може да излезе од контрола, тука стапуваме ние, тоа е третиот сегмент за управување со ризици, и е потребна интервенција од професионални наменски тимови за спасување“ посочи Антонио Додевски – проектен менаџер „Регион Охридско Езеро“ безбедна дестинација за авантуристички туризам.

Проектот за меѓугранична соработка, за опремување на двата центри за спасување на вода и на планина, е заеднички успех на ОО ЦК од Охрид и Поградец. Инаку деновиве во Охрид целосно ќе биде ставен во функција, новиот Центар за спасување на планина. Станува збор за објект кој во себе ќе има простор соодветен за планирање и координирање на оперативните дејствија, и е еден и единствен од ваков вид во земјава, вели Додевски.

„Во овој момент се наоѓаме во новиот Центар за спасување на планина во Охрид, кој во моментов е еден и единствен од ваков вид, кој во себе ќе има простор соодветен за планирање и координирање на оперативните дејствија. Простор за тренинг и обуки на спасителите, простор за соодветно чување на опремата, како и можност за сметување на наши партнери и пријатели од други спасителни служби со коишто, ќе може да соработуваме во иднина“ објасни Антонио Додевски – проектен менаџер „Регион Охридско Езеро“ безбедна дестинација за авантуристички туризам.

Додевски вели дека планинската служба во целост е опремена за решавање на сите комплексни ситуации на спасување во летни услови, но дека недостасува опрема за спасување во зима. Се работи на добивање на уште еден европски проект со чиишто средства во целост ќе се комплетира опремата и ќе може да се интервенира во сите периоди од годината.