Skip to main content

Протест на граѓани за стопирање на нелегалната изградба на минарето на Али Пашината џамија во Охрид

Попладнево пред зградата на Oпштина Охрид се одржа протест на граѓани за стопирање на нелегалната изградба на минарето на Али Пашината џамија.

 |   | 

Стотина граѓани денес протестираа пред зградата на Општина Охрид, во врска со како што велат, нелегалните градежни активности кои се преземаат на Али Пашината џамија. Сашо Михајловски член на здружението „Совест“ истакна дека повеќе од две години од здружението прават обиди да ја алармираат јавноста и надлежните институции дека она што се работи во централното градско јадро, преку агресивна и нелегална реализација на градба ќе се променат визурата и карактерот на градот.

„Со жалење можеме да констатираме дека ниту Управата за заштита на културно наследство, ниту републичката урбанистичка и градежна инспекција, нити судот не се на ниво на своите надлежности, а и не покажуваат решеност да стават мораториум на градба која макар задоцнета, е прогласена за нелегална“ кажа на протестот Сашо Михајловски – член на Здружение на граѓани „Совест“.

Михајловски информира дека за случувањата во Охрид, здружението „Совест“ испратило повеќе дописи, меѓу кои и до Светскиот центар за културно наследство на УНЕСКО во Париз, со цел да ги извести за немоќта и некомпетентноста на македонските државни институции. Оттаму добиле поврата информација дека проблемот со зголемен обем на нелегални градежни активности во заштитеното градско јадро, како и околу Али-Пашината џамија во Охрид, ќе биде ставен на дневниот ред на 43-та сесија на советот годинава. Од „Совест“ ги повикаа државата, институциите, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, премиерот Зоран Заев, да постапат согласно надлежностите и да го заштитат културниот споменик Али-Пашината џамија и да постапат согласно првичниот конзерваторски проект.

„Ние тргнавме и го основавме „Совест“ на најлегален начин да ги правиме сите работи и легално треба и да биде. Нас крв не ни треба нас ни треба разум, ум, здрав ум. Со кој ќе дојдеме до тоа, законите да се почитуваат за сите, а не некој да дивее а ние да го гледаме“, Истакна на протестот Михаил Трендафилов – Нанче – член на Здружение на граѓани – „Совест“.

ТВМ Телевизија неофицијално дознава дека во текот на утрешниот ден, претставниците на граѓанското здружение „Совест“ ќе остварат средба со градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, на која ќе ги изнесат барањата пред таткото на градот.