Skip to main content

Младите стрелачи од Охрид неприкосновени на Државното првенство

Со нов државен рекорд, соборен по речиси цели 10 години, младиот охридски стрелач Бојан Спасеновски успешно ја завршува натпреварувачката сезона во национална програма.

 |   | 

Со нов државен рекорд, соборен по речиси цели 10 години, младиот охридски стрелач Бојан Спасеновски успешно ја завршува натпреварувачката сезона во национална програма.

На Државното првенство во стрелаштво што викендов се одржа на стрелиштето во гимназијата Раде Јовчески Корчагин во Скопје, Бојан Спасеновски со извонредни 187 кругови, односно за цели 4 кругови го надмина стариот рекорд на Македонија кој исто така го држеше Охриѓанец, стрелецот Бобан Апостолоски. Овој резултат со сигурност ќе остане долго запишан во историјата на македонското стрелаштво, а прашање е дали некој до 15 годишна возраст би можел и во иднина да постигне ваков одличен резултат. Во екипна конкуренција пионери, трето место за стрелачкиот клуб Лихнидос во состав: Спасеновски Бојан, Спироски Никола и Ванѓеловски Андреј. Во категорија сениори, трета позиција за екипата на Лихнидос во состав: Благоја Ѓорѓиески, Томе Ристески и Тони Филипов.

Во поединечна конкуренција, со бронзен медал се закити Благоја Ѓорѓиески. Оваа сезона во национална програма СК Охрид поради преминот на стрелците во меѓународна програма, остана само со две одличја и тоа: трето место поединечно за Марија Ангеловска, како и трето место екипно во конкуренција на пионерки во состав Марија Ангеловска, Теодора Синадиноска и Елена Јосифоска. За Бојан Спасеновски и Марија Анѓеловска би требало да следи стипендија спортска надеж, што Агенцијата за млади и спорт ја доделува на успешни и врвни спортисти. Од наредната натпреварувачка сезона, дел од пионерите преоѓаат на меѓународна програма, но дефинитивно, Охрид е извор на талентирани спортисти, кои со добро организиран тренажен процес, стануваат врвни спортисти.