Skip to main content

Отворен ден во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

Отворен ден во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Тоа ги презентираше своите можности за образование пред идните средношколци.  Акцент беше ставен на дуалното образование кое е спој на теоријата и праксата, а кое од минатата година се спроведува во ова училиште.

 |  Јаковлева Лионела  | 

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ги презентираше своите можности за образование пред идните средношколци. Денес овој образовен центар беше посетен од повеќе основни училишта во градов пред кои беа истакнати предностите на стручното образование. Акцент беше ставен на дуалното образование кое е спој на теоријата и праксата, а кое од минатата година се спроведува во ова училиште. Директорот Сашо Недески кажа дека преку спојување на образованието и стопанството ќе се обучуваат кадри што им се потребни на компаниите. Брзиот развој на технологијата несомнено бара и брзи промени на програмите за образување кадар кој ќе биде соодветен на потребите на пазарот на трудот, а дуалното образование по се изгледа е совршениот рецепт.
Оние ученици кои ја посетуваат практичната настава во самата компанија таа ќе има интерес да ги задржи на работа, со тоа што во втора година имаат еден ден неделно практична работа, во трета година два и во четврта година три и со тоа тој кадар ќе биде високо обучен и веднаш ќе му биде понудена работа, вели Недески.
Делегацијата на германското стопанство од април 2017-та година, во неколку училишта во земјава ја спроведува програмата за дуално стручно образование „Skills expert“. За да се продуцира кадар со стекнати вештини и компетенции, потребно е учениците во текот на редовното образование да се вклучат директно во производниот процес во компаниите. Едно од училиштата каде се спроведува овој пилот проект е токму и ОЕМУЦ.
Засега соработката е супер како со компаниите така и со училиштето, а и со учениците бидејќи кога тие ќе бидат на практична обука во компанија ќе бидат обучени од сертифицирани ментори и бидејќи оваа програма е според германски стандарди ние подготвуваме и специјални сертификати, вели Дејан Чуповски – проектен менаџер „Skills expert“ програмата.
Овој пилот проект кој сега е во зародиш само во неколку училишта, ќе се имплементира пошироко, бидејќи во Стратегијата за образование на Република Северна Македонија 2018-2025, зацртано е стручните училишта да бидат повеќе реформирани во таа насока. ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски кое е едно од пилот училиштата веќе соработува со „ОДВ Електрик“, „Костал“ и „ЛТХ Леарница“. Дел од нив денес во училиштето имаа поставени свои штандови на кои заинтересираните ученици можеа да се информираат за можностите кои ги нудат. Инаку првиот клас за дуално образование кој се формира во ова училиште беше за новиот образовен профил, Техничар за индустриска мехатроника, којшто беше изработен по германски стандарди. Од учебната 2019-2020 година, во овој училишен центар се воведува уште еден профил од машинската струка, техничар за производно машинство. Учениците што ќе завршат дуално стручно образование ќе бидат обучени веднаш по матурирањето да почнат со работа. Теоретската настава е застапена со 60 проценти, а 40 отсто е практична работа во компаниите со кои центарот соработува.