Skip to main content

Се е подготвено за шестото издание на фестивалот „Вдиши театар“

Во предворјето на црквата „Св.Софија“, педесетина млади актери од регионов во наредниве неколку денови, симболично ќе го започнат охридското културно лето. Фестивалот го отвораат младинците од театарската група при Црвен крст Охрид со перформанс и претставата „Домино“.

 |   | 

Започнува охридското културно лето. Со почетокот на шестот издание на младински театарски Фестивал „Вдиши театар“ симболично започнува културната понуда ова лето. Во предворјето на црквата „Св.Софија“, во наредниве неколку денови педесетина млади актери од земјава и соседството, ќе ја почестат публиката со извонредна театарска игра, на која вредно работеа изминативе неколку месеци. Честа да го отворат фестивалот им припадна на младите актери од театарската група при Црвен крст Охрид со перформанс и претставата „Домино“. Претставата третира актуелни теми од секојдневието, блиски до младите, а е работена под авторство и режија на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.

„Направена е една интересна претстава, еден интересен склоп, затоа и жанрот го дефинираме како трагикомедија има и сатира многу е мешано за да може и публиката да ужива, да е динамично да не ја оставаме да им здосади.Направивме еден брејнсторминг на идеи кои ги допираат младите и буквално сите во околината за некои проблеми, добри и лоши настани и како влијаат на понатамошниот развој“, кажа Јован Цветкоски – режисер „Домино“.

На сцената ќе излезат младинците кои изминативе 3 месеци активно ги следеа театарските креативни работилници. Во рамки на годинешните подготовки за „Вдиши театар“ се реализира и тридневен едукативен камп во Велестово под водство на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Стефан Николиќ е еден од младите актери, кому му припадна честа да ја толкува насловната улога во претставата „Домино“.

„Ја добив главната улога, всушност ликот кој ги води сите движења во драмата. На почетокот чувствував голема одговорност, страв ме фаќаше бидејќи самиот лик од сцена во сцена носи посебни карактерни способности, во една е лут, во друга е смешен, па мораше на тоа да се поработи“ посочи Стефан Николиќ – актер „Домино“.

Во рамки на работилниците, идните актери учеа за културата и односот кон театарот како уметност, а се стекнаа со вештини за концентрација, движење и импровизација во простор, освестување на мускулите и сите делови на телото, креирање ликови, креирање приказна, работа со техника на глас, дикција, итн. За Англеа Марксока, учеството во работилчниците и во самата претстава е нешто ново, како таа што вика вистинско доживување.

„Во претставава се покажувам со две улоги. Правата е улогата на еден модел, која оди на аудиција за сопруга на Стефан во една емисија, а втората како мајка која влијае на својата ќерка во изборот на понатамошното школување и идната професија“ објасни Ангела Маркоска- актер „Домино“.

„Вдиши театар“ е меѓународен фестивал на кој ќе гостуваат групи од неколку градови од Србија и Северна Македонија. Сите тие организации на Црвен Крст поттикнати од „Вдиши Театар“ на охридската организација и во своите градови иницирале формирање на театарски групи.Во наредниве неколку денови граѓаните ќе може да бидат дел од ова издание на „Вдиши театар“, да ги поттикнат и дадат признание на младите коишто навистина поминуваат долго време вежбајќи и подготвувајќи го новото издание на фестивалот. Влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.