Skip to main content

Живописното планиско село Горно Коњско е без водовод

 Коштанци се снабдуваат со вода за пиење од селските бунари кои ги има скоро секое домаќинство. Ова село некогаш напуштено станува се попривлечно за живеење, но и за развој на  етно туризам.

 |  Валентина Неловска  | 

Селото Горно Коњско има 30 постојани жители кои со вода за пиење се снабдуваат од бунари кои ги има скоро секое домаќинство. Со климатските промени во месеците јули, август и октомври кога има сушен период бунарите многу често остануваат без вода. Жителите се бават со земјоделство и сточарство, а во последните години се развива и етно туризмот. Селцето е на само десетина километри од Охрид, а на 4 км од хотел Метропол на западната страна од планината Галичица. Ова живописно планинско селце на 1050 метри надморска висина плени со прекрасната околина и видикот кон Охридското езеро. Од ден на ден станува се попривлечно не само за домашните туку и за странските туристи, а со тоа и потребите за вода стануваат се поголеми, вели Кире Трајчески претседател на месната заедница. Горно Коњско има насушна потреба за водоснабдителен систем.

„ Има доста нови градби, повратници и доселеници кои  ги привлекува  местополжбата, како на чардак така речено, рај за душата да се одмориш ама покрај рајот треба и вода да се измиеш и напиеш. Затоа ќе направиме напори да се реши проблемот заедно со месното население од Горно и Долно Коњско“, вели Трајчески.

Коштанци не седат со скрстени раце туку бараат начин како да се обезбеди вода за пиење. Во 2017 година ангажирале приватна лиценцирана компанија и направиле пробни бушотини за вода. Испитувањата покажале дека на длабочина од 50 до 70 метри има вода од 30 литри во секунда. Се надеваат дека нивниот проблем ќе стигне до надлежните, а ќе воспостават контакт и со Проаква. Тие се трпеливи и се надеваат дека ќе изградат мини водовод.

На официјален начин како месна зедница не сме се обратиле до Проаква. Но ,преку познананства со стручни лица ни кажаа дека ќе е тешко, но не е неизводливо да се проба. Званично со Проаква немаме контакт додека не се одобрат средствата за некој проект и да се аплицира до фондовите за развој“, вели Трајчески.
Туристите секојдневно го посетуваат Горно Коњско, а за одржување на јавната хигиена во селото еднаш неделно возило на ЈП Охридски комуналец го подига сметот. Од месната заедница се надеваат дека од фондот за комунален развој ќе постават браници покрај кривулестиот асфалтен пат кој е опасен посебно во зимскиот период.