Skip to main content

Mеѓународен натпревар „Охридски бисери“

Во сабота 15 јуни, во Охрид по осумнаесетти пат ќе започне меѓународниот натпревар на млади музичари  „Охридски бисери“ 2019. Во пет натпреварувачки денови, во салата на Градското собрание на градот Охрид, ќе настапат осумдесетина учесници од Европа. Годинава на програма се дисциплините дувачки инструменти, флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна, тромбон и камерна музика во различни состави со споменатите инструменти.

 |   | 

Во сабота 15 јуни, во Охрид по осумнаесетти пат ќе започне меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ 2019. Во пет натпреварувачки денови, во салата на Градското собрание на градот Охрид, ќе настапат осумдесетина учесници од Европа. Годинава на програма се дисциплините дувачки инструменти, флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна, тромбон и камерна музика во различни состави со споменатите инструменти.

Овој реномиран натпревар им нуди можност на младите уметници за претставување на личните достигнувања, дружење и размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика, кои учествуваат како членови на жири – комисиите. Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет кои веќе осумнаесет години доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар, член на меѓународната асоцијација ЕМСИ – европска асоцијација на музички натпревари, од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји. Токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот „Охридски бисери“ во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот. Идејата на асоцијацијата ЕМСИ уште од основањето, 1970 во Брисел е афирмација на посебно надарени млади уметници и нивна промоција на професионалните концертни подиуми во Европа и во светот. Таа се остварува и преку организирање на семинари и мастеркласи со еминентни педагози и репродуктивни уметници, концертни турнеи, настапи со оркестри и вредни стипендии од универзитети во Европа и САД.
Годинава учеството во жири комисиите го потврдија професори од повеќе европски музички академии: Андреј Иков професор по труба и прв трубач во светски познатиот Баљшој театар од Москва, Детлеф Бенсман саксофонист и Петер Арнолд хорнист од Германија, Пенчо Пенчев професор по труба од Бугарија, Бранко Михановиќ обоист од Загреб, Хрватска, Бранислав Аксин тромбонист и Лаура Леваи Аксин флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Србија, Емир Нухановиќ кларинетист од Сараево, Босна и Херцеговина, како и нашите Страшо Темков професор по флејта и Васо Ристов професор по труба, од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Особено важно за сите учесници на натпреварот „Охридски бисери“ се секако наградите. Во секоја дисциплина и категорија се доделуваат три главни награди, а од победниците на завршниот концерт стручното жири одбира тројца , добитници на вредни парични премии и Гранд при за најуспешниот учесник на целиот натпревар. Освен тоа на натпреварот се доделуваат и специјални награди, од асоцијацијата ЕМСИ, од Фондацијата „Томислав Зографски“, од нашите здруженија СОКОМ и СМУМ, како и награда инструмент саксофон од компанијата „Јамаха“ за најуспешниот саксофонист.

На свеченото отворање на 15 јуни со почеток во 21.00 часот, во салата на градското собрание на Охрид, со концерт ќе се претстават Ања Малков – флејтистка од Србија, добитник на наградата Гранд при на „Охридски бисери 2017“ и гудачкиот квартет на Македонската филхармонија.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Градоначалникот на општина Охрид.