Skip to main content

Унеско бара од Локалната самоуправа евалуација на влијанието врз животната средина на бесправно изградените објекти во заштитениот појас

Георгиески дециден, секој објект за кој има решение за отстранување ќе биде рушен, отстапки нема да има за никого. Кога ќе се руши, не открива. Очекува помош од државата и уверен е дека ќе ја добие.

 |  Валентина Неловска  | 

Донесување на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион е клучно, со тоа е тесно поврзан Мораториумот за било какви урбани трансформации во заштитеното подрачје. Тоа е она што ги погодува граѓаните кои сакаат илегално да градат, вели Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Што се однесува на она што незаконски досега е изградено Георгиески дециден ,секој објект за кој има решение за отстранување ќе биде рушен, отстапки нема да има за никого. Кога ќе се руши, не открива.

„Сега ќе следи процес на евалуација и тоа е она што УНЕСКО го бара од нас. УНЕСКО не бара од нас да рушиме 409 дивоградби затоа што тоа едноставно е невозможно. Унеско бара евалуација на влијанието врз животната средина на тие објекти кои се во заштитен појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце“, напоменува Георгиески.

Во јавноста се лицитира со различен број дивоградби. Георгиески вели дека се што е бесправно градено пред 2011година а е поднесено барање за легализација не е опфатено со регистарот. Додава дека откако ќе биде дообработен и пречистен регистарот, доколку нема законски пречки , истиот ќе биде објавен како документ од јавен интерес за и граѓаните да имаат увид за колку и кои објекти станува збор. Од минатата недела општината распиша тендер за фирма за отстранување на бесправно изградени објекти. Дел од нелегалните градби во старо градско јадро ќе ги отстранува државата. Очекувам поддршка од државата во справувањето со дивоградбите и ќе ја добијам, уверен е Георгиески.

„Вие мислите дека општината е способна да се справи со овој проблем со еден градежен инспектор и со тендер од 1,5 мил денари за отстранување на бесправно изградени објекти. Охрид не е само на охриѓани. Охрид е светско културно и природно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите кои се години наназад извадени од колосек“, рече градоначалникот Георгиески.

Битката за спас на Охрид допрва претстои и ќе се интензивира на сите полиња. Ништо нема да се смени преку ноќ и тоа нема да биде едноставен процес. Во февруари македонските власти треба да достават нов извештај до УНЕСКО за напредокот по однос на препораките а по една година , на следната сесија на Комитетот за светско наследство Охрид повторно ќе се најде на дневен ред и ќе се одлучува дали да се стави на листата на културно и природно богатство во опасност. Во залог не е само Охрид туку функционирањето на политичкиот систем во државата. Одговорноста е на сите, отстапки нема да има за никоко , дециден е Градоначалникот Константин Георгиески.