Skip to main content

Пазар ли е или панаѓур

Секој понеделник педесеттина продавачи на импровизирани тезги го окупираат просторот и улицата околу пазарот. Сликата наликува на пазарите во некоја од источните земји, a позади нив останува смет кој го чистат од ЈП „Градски пазар“. Со нетрпение сите чекаат да се направи новиот затворен зелен пазар за да се решат овие проблеми.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Секој понеделник педесеттина продавачи на импровизирани тезги го окупираат просторот и улицата околу пазарот. Сликата наликува на пазарите во некоја од источните земји каде стоката се продава буквално на земја. Ако се земе во предвид дека станува збор за храна, навистина купувачите треба да се замислат пред да купат нешто. Од ЈП „Градски пазар“ велат дека просторот не дозволува да се обезбеди дополнително место за оние кои продаваат само во понеделник кога во Охрид е пазарен ден, а интересот е голем. Тие не им наплаќаат на пазарџиите за тоа што ги изложуваат своите производи околу пазарот.

Некој што се надвор од пазарот немаме можност ниту да ги избркаме ниту да им наплаќаме. Се што е во пазарот е наша надлежност, а се што е надвор од пазарот е надлежност на инспекциските служби бидејќи тоа не е организиран пазар и не е во наш домен на работа, вели Кристина Крлеска Деспотоска, директор на ЈП „Градски пазар“.

Во новиот објект на градскиот пазар кој сеуште се гради планирано е место и за овие продавачи па тогаш ќе се направи ред и ќе има поголема хигиена, вели директорката на ЈП „Градски пазар“.

Ние во овој момент се справуваме со ситуацијата колку што можиме, а тоа е да обезбедиме поголема хигиена околу пазарот и да исчистиме позади нив од кога ќе ги продадат производите и ќе си заминат, вели Крлеска Деспотоска.

ЈП „Градски пазар“ ангажира повеќе работници во неколку смени кои се грижат за хигиената во пазарот и околу него, посебно во летниот период кога сите тезги се зафатени, а има и продавачи надвор од пазарот. Со нетрпение сите чекаат да се направи новиот затворен зелен пазар за да се решат овие проблеми. Но по се изгледа современ пазар Охрид ќе добие дури кон крајот на оваа година иако беше најавувано дека пред почетокот на сезонава ќе биде објектот готов.