Skip to main content

Под контрола ставен шумскиот пожар во близина на селото Велмеј

Пожарот е локализиран по скоро три дена борба со огнената стихија. Во гаснењето биле вклучени две противпожарни возила и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување.

 |  Валентина Неловска  | 

Ставен е под контрола шумскиот пожар кој три дена беснееше на планината над селото Велмеј. Пожарот бил пријавен во ТППЕ Охрид, на пладне на 11 август. Во гаснењето на пожарот не можел да се вклучи човечкиот фактор заради непристапноста на теренот и густата вегетација па на помош се вклучиле два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување. Авионите за гасење пожари со 10 лета интервенирале во справување со шумскиот пожар која зафати и опустоши над 50 хектари шума, претежно со ниска стеблеста вегетација и даб, информира дип. шум. инж. Јовче Цветкоски, раководител за безбедност на шуми во   ЈПМШ подружница „Галичица“.

Фронтот на ширење на исток е стопиран нема отворен оган. Малку се гледа чад од внатрешноста на пожарот. Нема опасност од проширување. Од западната страна е завршено и нема знаци на чад и оган“, информира за моменталната состојба на теренот,  Јовче Цветкоски, раководител за безбедност на шуми во ЈП МШ  подружница „Галичица“.

Пожар од вакви размери се случува за прв пат во атарот на селото Велмеј велат мештаните за ТВМ. Причината за појавата на пожарот ќе ја утврдуваат надлежните служби, вели Цветкоски.

Материјалната штета е непроценлива. Повеќе од биолошки аспект штетата не може да се пресмета финансиски. Во секој случај, секој пожар неповолно влијае врз почвата и вегетацијата и од сетоа тоа ќе има последици“, вели Цветкоски.

Од ТППЕ Охрид неодамна упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и да не ги палат остатоците од пожнеаните ниви. Од таму посочија дека во охридско и Дебрца во месеците март и август има најголем број на пожари на отворен простор и интервенции од нивните екипи токму на пожари од запалени стрништа.