Skip to main content

Георгиески: Рушење ќе има

Времето до започнување на акцијата за рушење на дивоградбите се брои во денови. Рушење ќе има, категоричен Градоначалникот Георгиески. На сопствениците на објекти кои добиле решенија за рушење им порача час поскоро да почнат сами со отстранување. А на угостителите им најави инспекција не само за платформите туку и за терасите и целокупните објекти на крајбрежјето.

 |   | 



Периодот на преговарање, договарање  и молење заврши. Почетокот на акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти во Охрид се брои во денови, категоричен Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

„Јас уште еднаш апелирам до сите кои што добиле решенија за отстранување на објекти , независно дали се тоа платформи, тераси, бетонски бази и друг вид на нелегално поставени и изградени објекти , не ден поскоро туку час поскоро да почнат сами да ги отстрануваат . Рушење во Охрид ќе има многу скоро и да немаме математики одпосле да почнат сами да си ги отстрануваат објектите. “ – изјави градоначалникот Георгиески..


Што се однесува до платформите на угостителските објекти, некои угостители најавија самоиницијативно отстранување а потоа се предомислија па преку писмо до Градоначалникот побарале поништување на решенијата за нивно рушење и барање начин за легализација на истите. Градоначалникот им порача на угостителите од утре да очекуваат инспекциски надзор на целокупните објекти.

„Им порачувам на угостителите да ги чекаат инспекторите од утре со налог за инспекциски надзор и за објектите и за терасите кои се поставени таму. Сега ќе добијат решенија за отстранување не само за платформите туку и за објектите и за терасите. “ – кажа Георгиески.

Сите платформи по крајбрежјето се нелегални и ќе се рушат, вели Градоначалникот. На прашањето како тоа ќе се одрази врз туризмот Георгиески со одговор:


„ Решението на проблемот ќе следи по враќање во првобитна состојба на крајбрежјето на езерото. Во изработка е план за управување со тој  дел. Ќе видиме како сето тоа ќе биде дефинирано. Има ДУПови кои се важечки и ќе постапуваме по тие планови а не на кој како ќе му текне да поставува објекти во градот.“

Инвентарот на бесправно изградени објекти, на сите предмети зa кои што била побарана легализација е завршен. Сега се изработува  динамички план на сите објекти кои  се во активна зона на управување на НП Галичица, во крајбрежје и во заштитен појас и во тек е процес на евалуација на документацијата на сите тие објекти, додаде Градоначалникот.  Сите сопственици на такви објекти во периодов што следи уште еднаш ќе добијат писмо дека нивниот објект ќе биде отстранет и ќе имаат рок од 10тина денови да почнат да отстрануваат сами.