Skip to main content

Градежни и инфраструктурни зафати во вредност од близу 66 милиони денари, најави градоначалникот Георгиески

Есенва на територија на Општина охрид ќе се изведуваат градежни и инфраструктурни зафати чија вкупна проценета вредност е  близу 66 милиони денари, најави Градоначалникот Георгиески. Денеска започна реконструкцијата на улицата АСНОМ. Тендерските постапки за проектите дел се завршен а дел се при крај.

 |   | 




Денеска започна целосна реконструкција на улицата „ АСНОМ“ од кружниот тек на булеварот „Туристичка“ до пресекот со улицата „Карпош Војвода“ во должина од 630 метри. Целосно ќе се реконстра коловозот, ќе се нивелираат шахтите и сливниците, ќе се реконструираат тротоарите. Вкупната инвестиција околу 9 милиони денари а работите ќе ги изведува АД „Илинден“ од Струга. Зафатите треба да завршат во рок од 60 дена.

„Со завршувањето на главната туристичка сезона, започнуваме со реализација на планираните градежни и инфраструктурни проекти. Сметам за потребно да ја информирам јавноста дека летниот период го искористивме да ги завршиме тендерските постапки за повеќе најавени проекти. Во тек или при крај се тендерските постапки за проекти во вкупна вредност од 65.800.957,оо денари, вклучувајќи ја целосната реконструкција на улицата „АСНОМ“. – кажа Градоначалникот Константин Георгиески .

Градоначалникот наброја низа проекти и инфраструктурни зафати кои ќе се реализираат есенва.  Ќе се санираат ударни дупки на улиците со површина од 4,5 илјади метри квадратни, во вредност  од околу 6 милиони денари. Ќе се асфалтираат тесни улички во вредност од 7,5 милиони денари.Ќе се реконструираат и поплочат тротоари  во вкупна површина од 5.000 метри квадратни, планирано е опремување на  9 автобуски постојки, поставување на велосипедски паркиралишта. Од понеделник започнува  уредување на  најавуваниот мини плоштад кај Табана, проект во вредност од 2.700.000,оо денари финансиран од Југозападниот плански регион.


„По забелешките на антикорупциската комисија се повторени и при крај се тендерските постапки за:
-Поставување на нова кровна конструкција  на основното училиште „Христо Узунов“ и подрачните единици на основното училиште „Св. Наум Охридски“ во селата Елшани и Коњско. Вкупната вредност на зафатите е 11.557.839,оо денари.
-Реконструкција на кровната конструкција на потпокривот на ОСУ „Св.Климент Охридски“ во вредност од 410.109,оо денари.
-Изградба на улицата 2 во поранешната касарна „Михајло Апостолски“ со проценета вредност од 9.182.187,оо денари.“ – кажа градоначалникот.


Градоначалникот најави изградба на фекална канализација во населба Рача во вредност 1,5 милиони денари. Канализациона мрежа со која ќе бидат приклучени  дел од приградските населби, односно делови  од селата Лескоец,Лакочереј и Велгошти во вредност од околу 3 милиони денари. Изградба на на потпорни ѕидови во населбата „Стар град“ и во селото Елшани, тампонирање улици и други градежни зафати кои ќе се реализираат претстојниов период.