Skip to main content

Ученичкиот дом во склоп на Средното стручно општинско училиште „Ванчо Питошески“ работи со полн капацитет

Ученичкиот дом во склоп на  Средното стручно општинско училиште „Ванчо Питошески“ работи со полн капацитет. Нуди солидни услови за учениците кои се сместени таму, а трошоците целосно им ги покрива Министерството за образование. Тој е еден од главните адути за привлекување ученици од другите градови на државата.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Бесплатно сместување, три оброци, солидни услови и максимална безбедност, нуди ученичкиот дом во склоп на Средното стручно општинско училиште „Ванчо Питошески“. Овој дом има капацитет од 120 легла, а моментално се зафатени 116. Во него се сместени основци претежно од училиштето „Ванчо Питошески“, но има ученици и од други средни училишта во градов. Единствен услов за да имаат право да аплицираат за сместување во домот е да доаѓаат од град во кој нема такво училиште. Трошоците околу сместувањето и храната целосно паѓаат на Министерството за образование.

Тоа е една голема привилегија и олеснителна можност за родителите и затоа голем број на ученици се одлучуваат тука да учат, а родителите ги пуштаат затоа што се сигурни во омна што го нудиме и во нивната безбедност, објаснува Марјан Ристески- директор на СОУС „Ванчо Питиошески“.

Во ученичкиот дом ангажирани се двајца воспитувачи, а има и чуварска служба. Условите за сместување се солидни, а собите се трокреветни. Храната се подготвува во кујната на училиштето така што учениците се максимално згрижени. Неодамна во домот се правеа зафати на ентериерот, а планирано е наредното лето повторно да се инвестира во негово доуредување. Летниот период кога учениците се на распуст домот работи и комерцијално. Но, Ристески вели дека досега не се користел неговиот полн капацитет, па на тоа ќе се работи во иднина. Со парите кои ќе се земат по тој основ ќе се инвестира во домот. Инаку има ученици кои остануваат во ученичкиот дом и во текот на летото. Тогаш си плаќаат за сместување и храна.

Дел од учениците кои учат кај нас остануваат во домот и во летниот период бидејќи работат во охридските угостителски и хотелски објекти, а истовремено ја обавуваат и својата пракса, вели Ристески.

Инаку, директорот потенцираше дека доколку се реализира проектот на општината за дислокација на училиштето во некогашниот простор на касарната, ќе мора да се направат напори да се дислоцира и училишниот дом бидејќи тој е нераскинлив дел од него и е една од причините за привлекување ученици од другите градови на државата.