Skip to main content

„Охридски комуналец“ и „Нискоградба“ се подновија со механизација вредна 7 милиони денари

Денеска по повод одбележувањето на 7ми ноември Денот на ослободувањето на Охрид, новите возила беа предадени на јавните претпријатија. Градоначалникот истакна дека со модернизација на јавните претпријатија локалната излегува во пресрет на потребите на граѓаните.

 |   | 

Oпштина Охрид набави четири нови возила за потребите на јавните претпријатија „Охридски комуналец“ и „Нискоградба“.
Преку грант на Светска банка набавени се едно специјално возило камион со инсталирана надградба кипер, едно специјално товарно возило камион со дупла кабина, една комбинирана машина ровокопач-утоварувач и една машина ровокопач, мини багер хидрауличен на гасеници. Возилата денес официјално беа предадени на јавните претпријатија во присуство на Градоначалникот Константин Георгиески.

„Со ова, а и со предходната модернизација на јавните претпријатија која ја извршивме минатата година со набавка на седум нови комунални возила, значително се  зголемуваат капацитетите на нашите јавни претпријатија и експедитивноста, навременото постапување и излегување во пресрет на потребите на граѓаните.  Посебно сме задоволни од поголемиот ровокопач кој ќе можеме да го користиме и во зимскиот период за чистење на снег.“ – изјави Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид.

Директорот на ЈП Охридски комуналец, Љупчо Грданоски упати благодарност до локалната самоуправа за продолжувањето на инвестицискиот циклус за модернизација на претпријатијата со цел подобар квалитет на услугите кои ги добиваат граѓаните на Охрид.  

„Со ова возило кое го добиваме на располагање од Општина Охрид ќе бидеме поефикасни во зимското одржување, планот е да го користиме посебно во стариот дел на градот бидејќи има механизам за поставување на нож со кој ќе се рини снегот а исто така и за чистење на реките и речните корита, како и за расчистување на дивите депонии на територија на општината кои ни претставуваат еден од основните проблеми поради несовесното однесување на дел од граѓаните.“ – кажа директорот на Охридски комуналец.

Вкупната сума за набавката на возилата изнесува околу 7 милиони денари, од кои 800 000 денари се учество на општина Охрид, а останатите се средства од Светска банка.