Skip to main content

Протест на судската служба пред Основен суд Охрид

Судската служба бара еднаков третман како судиите. Административците во основниот суд во Охрид денес излегоа на протест против, како што рекоа дискриминирачкиот, егоистичен и игнорантски однос кон судската служба од страна на Судскиот буџетски совет. Тие бараат исплата еднакви додатоци на платите како и судиите и формирање посебно тело кое ќе биде одговорно за вработените во судската служба.

 |   | 

Вработените во администрацијата во Основниот суд Охрид денеска ја прекинаа работата и излегоа пред судската зграда во знак на револт од одлуките на Судскиот буџетски совет. Тие преку мирен протест изразија незадоволство од нееднаквиот третман со судиите при одредувањето на висината на додатоците на плата за септември и октомври. Имено за судиите додатокот на плата изнесувал и до 6.000 денари а за судската администрација додатокот изнесува од 500 до 1000 денари.

„Апелираме до Судскиот буџетски совет да ја прекине праксата на дискриминирачкиот, егоистичен и игнорантски однос кон судската служба со донесување одлуки според кои пари за судиите секогаш има, а за судската служба нема. Да прекине со создавање на раздор, незадоволство и револт со ваквите одлуки меѓу вработените. Судството не се само судиите , туку дел од тој тим се и сите вработени во судската служба кои заслужуваат еднаков третман. “ – изјави стручниот судски соработник, Сема Али Куртис.

Членови на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација обвинија дека Судскиот буџетски совет го опструира враќањето на парите кои им беа задржани на дел од вработените кои штрајкуваа  во 2016та година , а кои пари владата ги обезбедила. Побараа итно да им бидат исплатени парите на колегите од судската полиција , помошно техничкиот персонал , на пензионираните и останатите кои по друг основ не се повеќе вработени.

„Затоа бараме од Министерството за правда итно да пристапи кон измена на законите и да утврди поинаква позиција на Судската служба, независна од милоста на Судскиот буџетски совет и да се формира посебно тело кое ќе биде одговорно за вработените во судската служба, а во кое задолжително да има претставници од Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација.“ –  изјави Али Куртис.

Во Основниот суд во Охрид во Судската служба има седумдесеттина вработени како референти во судски шалтер, стручни судски соработници, судска полиција, курирска служба, дактилографки.