Skip to main content

Гладијаторите во недела на домашен терен го пречекуваат битолски Пелистер

Охридските ракометари од позиција на фаворити најавуваат прокнижувања на нови три бодови. Градскиот ракометен клуб Охрид  е втор на табелата со само еден бод помалку од лидерот Металург.

 |   | 

Вo недела во рамки на 12то коло во машката ракометна супер лига ГРК Охрид пред своја публика го пречекува тимот на Пелистер од Битола. Грузискиот ракометар Лексо Цицешвили кој минатата сезона играше за Струга вели дека е задоволен од условите во охридскиот клуб. Единствено мала потешкотија му претставува што после мала пауза поради повреда сега се враќа да игра во напад но смета дека е подготвен. Верува дека клубот има шанса да влезе во плеј офот од првата позиција.

„Состојбата во тимот е многу добра. Мотивирани сме. Имаме квалитетни играчи и многу добра атмосфера. На предходниот натпревар против Пелистер во Битола одигравме добро и во недела овде на домашен терен сме фаворити. Мислам дека немаме проблем со Пелистер.“- изјави Лексо Цицешвили.

Дејан Гошески кој е резерва на  десната бековска позиција со нетрпение ги очекуа минутите на теренот.

„ Ние максимално сме подготвени за натпреварот со Пелистер.
Минутажата што ја добивам за мене е доволно со оглед на тоа дека сум млад играч. Денис Тот игра пред мене , искусен играч од кого можам многу да научам.“ – изјави Гошески.

Спортскиот директор на ГРК Охрид, Горан Недески е задоволен и од тоа како функционираат младинските екипи. Младинците, пионерите и кадетитен немаат пораз во досегашните натпревари во своите лиги за што Недески упати пофалби до нив и стручниот тим.

„ Морам да го пофалам тренерот Сашо Ристевски и Наум Бабчев кој одлично си ја работи работата во ракометната школа на ГРК Охрид и се надевам дека и понатаму ќе продолжат со исти резултати и исто темпо на работа.“ – изјави Недески.

Натпреварот ГРК Охрид – РК Пелистер ќе се одигра во салата „Билјанини извори“ со почеток во 17 часот.
„Гладијаторите“ се втори на табелата со 28 бодови, само еден помалку од лидерот Металург и три повеќе од третопласираниот Бутел.