Skip to main content

Туристичките водичи се обучуваат за управување со ризиците во авантуристичките тури

уристичките водичи се обучуваат за управување со ризиците во авантуристичките тури. Обуките ги спроведува спасителната служба на планина, а целта е да се обезбеди меѓусебна соработка и да бидат запознаени со кои капацитети располага спасителната служба за да можат да се намалат последиците во случај на несреќи.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Спасителната служба на планина врши обуки за туристичките водичи за управување со ризиците во авантуристичките тури. Обуките преставуваат освежување на знаењата од прва помош и презентација на основните техники за безбедна евакуација на повредени лица на тешко пристапни места. Водичите се членови на здружението Експлор од Охрид кое ги обединува сите водичи кои работат во авантуристичкиот туризам, па дури и водичите кои работат со тури на културно историските знаменитости.

Целта е двонасочна, да обезбедиме меѓусебна соработка и да бидат запознаени со кои капацитети располагаме за да можиме да ги намалиме последиците во случај на несреќи, бидејќи авантуристичкиот туризам е најподлежен на несреќи и за жал тие се случуваат на тешко пристапни места и неопходна е брза и безбедна евакуација од таму се до можноста да се предадат на итна медицинска помош, вели Антонио Додевски, претседател на спасувачката служба на планина.

Водичите многу често кога носат тури на планина се затекнати од некои непредвидени ситуации па добро е да знаат со кои техники и опрема располага спасителната служба на планина за да можат целосно да се потпрат на нејзините услуги.

Многу често луѓето мислат дека на нашите планини не се случуваат лавини што апсолутно не е точно. И на Галичица се случуваат лавини и тоа по неколку во текот на годината. Но, луѓето не ги виделе затоа што не биле таму. Многу е лошо ако се најдат на погрешно место во погрешно време и да ја почуствуваат моќта на природата. Затоа ние апелираме да се внимава кога се оди на планина, а ние редовно сме присутни онаму каде што е критично, посебно на зима, објаснува Додевски.

Спасителната служба држи предавања и за локалните заедници во руралните средини бидејќи многу често при пообилни врнежи од снег некои планински села остануваат со денови отсечени од цивилизацијата па добро е мештаните да знаат како да се однесуваат во такви услови и каде да побараат помош.