Skip to main content

ОХРИД ГО ДОБИ ЦЕНТАРОТ ЗА ЛИЦА СО АУТИЗАМ

Отворен Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција за возрасни лица со аутизам,  во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. 

 |   | 

Отворен Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција за возрасни лица со аутизам, во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.

Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески укажа на значењето од отвоарањето на ваков центар во регионов , што претставува постепено поместување во перцепцијата и ослободување од предрасудите за лицата со посебни потреби.

„Важно е да се сфати дека создавањето на амбиент во кој лицата со аутизам ќе имаат подобар живот , не е привилегија за нив. Тоа е неопходност преку која овие лица полесно ќе ги совладаат пречките со кои се соочуваат на патот кон остварување на нивните права. Само на тој начин, општеството демонстрира зрелост и обезбедува почитување на достоинството за сите свои граѓани еднакво. Лицата со аутизам и воопшто со пречки во развојот се наш дел, наше секојдневие . Оваа категорија на граѓани, заедно со нивните најблиски, постојано се во состојба на вложување натчовечки напор за минување на еден ден. Затоа сите заедно во рамки на можностите треба максимално да се заложиме , да преземеме мерки и активности за да им обезбедиме полесно функционирање . Тоа е тема која треба и мора широко да се отвори и да се дискутира“ – рече градоначалникот Георгиески.

На настанот присуствуваа и Заменик министерот за здравство Армент Арслани, чешкиот амбасадор во земјава, Мирослав Томан и претставници од Стопанската комора на Македонија.

Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“ и е поддржан од Министерство за здравство кое ги отстапи просториите за сместување на Центарот во болницата „Св. Еразмо“.Реконструкцијата и опремувањето на просторот е финансиран од амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Република Северна Македонија.

Наредниов период се очекува, во Охрид да биде отворен и Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција наменет за ран третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Центарот за деца на возраст од 2 до 8 години ќе биде сместен во охридската Општа Болница.

Со отворањето на овие два центри Охрид ќе прерасне во регионален центар за грижа за лицата со аутизам.

Центрите ќе ги опслужува високо професионален тим составен од: специјални едукатори, рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Освен третманите на лицата со аутизам ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел подобра грижа на лицата со аутизам.