Skip to main content

Викендов во Охрид премиера на филмот „Дедо и внук“, на охридскиот режисер Илија Пиперкоски

Охридскиот филмски режисер Илија Пиперкоски, кој важи за еден од најуспешните во својата генерација, за 6-ти декември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ја најави премиерата на неговиот најнов филм „Дедо и внук“.

 |   | 

Охридскиот филмски режисер Илија Пиперкоски, кој важи за еден од најуспешните во својата генерација, за 6-ти декември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ја најави премиерата на неговиот најнов филм „Дедо и внук“.

Пиперкоски, истовремено, е и сценарист на филмот. Тој, досега има режирано голем број кратки и документарни филмови. Продуцент на филмот е Огнен Антов, директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафироски, додека костимограф е Жаклина Крстевска.

Филмот започна да се снима во април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

Снимањето на филмот „Дедо и внук“ започна во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.Режисерот Пиперкоски го нагласува своето задоволство што снима во својот роден град.

– Уште откако се запишав на филмска академија, го чекав да дојде тој ден, не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чувството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја пренесете приказната – вели Пиперкоски.

За продуцентот на филмот, Огнен Антов, претставува куриозитет фактот што првпат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во поновата македонска историја.

-Првпат имаме филм којшто комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај – вели Антов.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. Филмот „Дедо и внук“ е копродукција помеѓу Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија со 16 милиони денари, финансиски го поддржа филмот. Вкупниот буџет е во висина од околу 400.000 евра, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.