Skip to main content

ГРК Охрид заокружува одличен период

Градскиот ракометен клуб Охрид  последниот натпревар во 2019та година го игра утре против Вардар Јуниор. Гладијаторите најавуваат победа со која ќе имаат серија од 13 натпревари без пораз. Тренерот Раде Стојановиќ вели дека со овој натпревар ГРК Охрид заокружува еден одличен период.

 |   | 

Ракометарите на Охрид, утре со почеток во 18 часот, на домашен терен играат против тимот на Вардар Јуниор. Ова е последен натпревар за оваа година. Охридските ракометари, со триумф против Вардар Јуниор ќе прокнижат 13та победа во низа и ќе го запечатат  пласманот во плејофот. Тренерот Раде Стојановиќ вели дека се подготвуваат како и за секој натпревар без потценување на противникот затоа што Вардар Јуниор знае да биде незгодна екипа како што беше на предходниот дуел во Скопје. Додава дека со овој натпревар ГРК Охрид заокружува еден одличен период.

„Можам да кажам дека сум многу задоволен не само од екипата, играчите туку и од управата на клубот затоа што имавме максимална поддршка и резултатот е одличен , обезбедивме плејоф што беше наша прва цел. Сега ни останува да се одмориме од овој дел на првенството. Ќе имаме кратка пауза и понатаму да се подготвуваме за плејофот.“ – вели тренерот Стојановиќ.

Својата шанса да се покажат на теренот ја очекуваат младинците во тимот.  Наум Костов кој е одличен во настапите во младинскиот состав вели дека со нетрпение ја очекува поголемата минутажа на утрешниот натпревар.

„Во младинската лига се обидуваме да стекниме поголемо искуство кое потоа ни е од голема корист во суперлигата. Се обидуваме да се наметниме во првиот тим.“ – изјави Костов.

Мартин Манасков вели дека се подготвени  максимално сериозно да се постават кон противникот кој е е млада екипа желна за докажување и не се за потценување  и да им овозможат на помлади соиграчи да го одиграат крајот на натпреварот.

„Мислам дека со цврста одбрана и брзи контри ќе стигнеме до лесни голови и исто така ќе им дадеме шанса на помладите играчи, да ја завршиме оваа полусезона  како што е планирано. “ – кажа Манасков.


Натпреварот се игра во 18 часот, а билетот за влез во салата изнесува 50 денари.