Skip to main content

ЈП „Билјанини Извори“ ќе ги заменува блокаторите со платни налози за неплаќачите на јавниот паркинг

ЈП „Билјанини Извори“ ќе ги санкционира неплаќачите со издавање на платен налог наместо со блокатори за неплаќање на користен паркинг во А и Б зоните. Охриѓани и странците се претежно дисциплинирани во однос на плаќањето , но има возачи кои со наведување разни причини и вршење притисок врз вработените не сакаат да платат, велат од ова претпријатие кое стопанисува со јавниот паркинг простор во градот. 

 |  Валентина Неловска  | 

ЈП „Билјанини Извори“ ќе ги заменува блокаторите со платни налози за неплаќачите на јавниот паркинг. Оваа мерка ќе се применува од 20 јануари за неплаќање на користен јавен паркинг во А и Б зоните, информира Гордана Јованоска директор на ЈП Билјанини извори кое стопанисува со јавниот паркинг простор во градот. Недиспциплинираните возачи ќе имат можност казната да ја платат веднаш или за 8 дена, а по истекот на овој рок се активира преку извршител.

„Охриѓани се дисциплинирани плаќачи, но има луѓе кои се инаетат и не сакаат платат. Има проблеми, расправии со вработените па со овој начин преку извршител таа пресија која се врши врз ЈП ќе се намали“, напоменува Јованоска.

Санкцијата за неподмирениот долг како и досега ќе е 1000 денари. Платениот долг кај контролорите во првите 24 часа ќе чини 800 денари. За долгот подмирен во следните седум дена ќе се платат 1000 денари, а ако и по овој рок не се изврши уплата во банка или пошта, платниот налог го презема извршител со што сите трошоци за наплата ќе бидат многу повисоки. Минатата година биле регистрирани 375 неплаќачи за користење на паркинг најчесто со возачи кои доаѓаат од другите градови од внатрешноста.

„Најмногу ги има во зоната А. За жал се користат со изјави одам да завршам работа за 15 минути, злоупотребуваат и се задржуваат подолго па  им се ставаа блокатори. За да не дојде до тоа немам пари да платам и да има расправии се воведува новиот сиситем “, кажува Јованоска.

ЈП применува два начини на наплата со СМС порака , пост пејд наплата која важи додека сами не ја стопирате пораката пак преку СМС . Другиот со гребна карта еден вид при пејд наплата и важи за времето кое е платено. Во мигот кога ќе истече времето на гребната карта, а возилото е се уште на паркинг, контролорите ќе го третираат како неплатен паркинг и на возилото ќе постават платен налог.