Skip to main content

„Антологија на ловорот“ – монументален споменик за Прличев

Прличеви беседи по повод 190 години од раѓањето, 127 години од смртта на Прличев и 160 години од објавувањето на поемата “Сердарот“.  Во спомен куќата на ловороносецот, денеска беше промовирано капиталното дело Антологија на ловорот од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Имаме бисти на Прличев но немаме монументален споменик. Ова дело е споменик со кој Охрид му се оддолжува на великанот, кажа Митре Велјановски на промоцијата. На учениците чии творби беа најдобри на литературниот конкурс на ОУ „Григор Прличев“, заменик градоначалникот Ристо Николески им подари пригодни награди.

 |   | 


„Антологија на ловорот“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски е епохално дело за безвременската големина на Григор Прличев, кажа Митре Велјановски на денешната промоција во Куќата на Прличев.

Имаме бисти на Прличев немаме монументален споменик но можам да кажам дека оваа книга е замена за најголемиот, најмонументалниот споменик што можеше Охрид да му го подари и да му се оддолжи на нашиот великан. Овде на 302 страници е собрано сето она што е најзначајно за Прличев. “ – кажа  Митре Велјаноски.  

 „Антологија на ловорот“ е студиозна ретроспектива на македонистичката прличевистика, од самите почетоци на македонската филологија, преку творечкото оживотворување на ликот и делото на Прличев во македонската поезија, проза и драма до охридските чествувања на ловороносецот од востановувањето на „Прличевите беседи“ во 1953 година (по идеја на Борис Бојаџиски, Блаже Конески, Блаже Ристовски и други) до инспиративните искажувања на светските прличеволози во почетокот на 21. век и промислените помакедончувања и препевања на епохалните поеми на Прличев „Сердарот“ и „Скендербеј“, велат авторите. 

„ Со Славе Ѓорѓо Димоски за оваа 2020та година ја подготвивме оваа македонистичка ретроспектива на предизвикот Прличев во науката и литературата. Го направивме тоа пред се како поттик за следните генерации затоа што без Прличев, без неговите бесмртни Кузманкапидановци и Гоцеделчевци сме никој и ништо. А што е уште поважно и тие без нас би биле никој и ништо и сите заедно би биле отпадници од историјата. “– кажа Димитар Пандев

„Ние пред нас во рацете имаме една книга која е повеќедимензионална. Оваа книга се обраќа на различна читателска публика. Може да се чита и како белетристика и како наука и отвара многу патишта за оние кои се заинтересирани за делото на овај наш великан Прличев. “ – кажа Славе Ѓорѓо Димоски.

Заменик градоначалникот Ристо Николески во свое лично име и во име на Градоначалникот Константин Георгиески им се заблагодари на Пандев,  Ѓорѓо Димоски и Митре Велјановски за креирањето на антологијата која е во издание на Општина Охрид. Николески на учениците чии творби беа најдобри на литературниот конкурс на ОУ „Григор Прличев“, им подари пригодни награди.  

„ Особено се радувам што токму тие , младите, овде се присутни во голем број ќе ја продолжат таа нишка на храброст и сплотеност и посветеност и дека ќе го негуваат Прличевото дело со надеж  и уверување дека Охрид повторно ќе може да се гордее со некој нов уникатен уметнички талент кој ќе остави вековен печат на нашата историја. Со организирање и поддршка на ваквите настани локалната сдамоуправа покажува дека е определена и во иднина да продолжи да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид.“  – истакна Николески.

Николески на градската библиотка и на образовните и културните установи во Охрид им подари примероци од Антологијата на ловорот со потпис на авторите. На чествувањата по повод 190 години од раѓањето, 127 години од смртта на Прличев и 160 години од објавувањето на поемата “Сердарот“ присуствуваше и внуката на Прличев, Олга Прличева.