Skip to main content

Активностите за санација на колекторот во полн ек

Градоначалникот Георгиески и премиерот Спасовски,  придружувани од Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми извршија увид на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.

 |   | 

Градоначалникот Георгиески и премиерот Спасовски, придружувани од Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми извршија увид на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.

Активностите за санација и реконструкција на колекторскиот систем се во полн ек. Започнаа на потегот од тунелот на патот Охрид – Пештани, кај Свети Стефан до Билјанини Извори, а веќе 2 километри од цевководниот систем на колекторот се исчистени од корења, градежен шут и друг талог. На овој потег дури за 80 отсто беше намалена функцијата на колекторскиот систем, и затоа на местата каде што цевките беа скршени или сериозно оштетени се пристапи кон санација според системот „цевка во цевка“ и со тоа се обезбеди нормален, целосен проток на водите за прочистување.

„За системот за прочистување на отпадните води во Охридското Езеро не се водеше грижа со години наназад и тој беше уништен. Несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на колекторскиот систем создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја“.Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите природни и културни вредности“, истакна премиерот Оливер Спасовски.